Рубио: Можен е прекин на огнот во Украина во рок од неколку дена доколку Москва се согласи

Макфакс

13/03/2025

10:57

205

Големина на фонт

а а а

Американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека се надева оти прекинот на огнот меѓу Русија и Украина би можел да дојде во рок од неколку дена доколку се согласат руските лидери и дека планира да состави дипломати од Групата 7 кои ќе се фокусираат на завршување на војната на состанокот оваа недела во Канада, пренесува Танјуг, цитирајќи го „Њујорк Тајмс“.

„Вака би сакале светот да изгледа за неколку дена: ниту една страна не пука на другата, без ракети, без проектили, без куршуми, ништо, без артилерија“, им рече тој на новинарите во Ирска, на пат од Саудиска Арабија кон Канада.

Пукањето престанува, борбите престануваат и разговорите почнуваат, нагласи Рубио, додавајќи дека верува оти нема да наиде на непријателство од американските сојузници поради неодамнешните царини воведени на Канада од страна на американскиот претседател Доналд Трамп.

Тој додаде дека очекува срдечни разговори со канадските власти, и покрај заканата на Трамп дека ќе ја анектира Канада и ќе ја направи 51-та американска држава.

„Тоа не е она за што ќе зборуваме на Г7 или за време на нашето патување. Тие се земјата домаќин и имаме многу други работи на кои работиме заедно“, рече Рубио.

Вчера, тој по разговорите во Џеда, Саудиска Арабија, рече дека Русија ќе ја прифати понудата за 30-дневен прекин на огнот во Украина.

„Украина направи позитивен чекор, се надеваме дека Русите ќе возвратат. Тоа би бил најдобриот гест на добра волја од руската страна“, рече тој, истакнувајќи дека нема краен рок за почеток на прекинот на огнот, но „се надеваме што е можно поскоро“, пренесува Ројтерс.

Американскиот државен секретар додаде дека Украина и САД ќе работат на финализирање на договорот за минерали. Украинската и американската делегација разговараа за мировниот договор за ставање крај на украинскиот конфликт и билатералните односи меѓу двете земји.