Опозицијата победи на изборите во Гренланд

Макфакс

12/03/2025

08:15

2.185

Големина на фонт

а а а

Опозициската партија Демократит, победи на парламентарните избори во Гренланд, кои беа будно следени ширум светот поради постојаната желба на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз најголемиот остров во светот.

Партијата Демократит, која се залага за постепен пристап кон независноста на Гренланд од Данска, обезбеди 29,9% од гласовите, што е голем скок од 9,1% што ги освои на изборите во 2021 година.

Вториот најдобар резултат го постигна друга опозициска партија, Налерак, која освои 24,5% од гласовите. Таа се залага за најбрз можен процес за стекнување независност и одвојување на Гренланд од Данска.

Откако ја презеде функцијата во јануари, Доналд Трамп вети дека ќе го направи Гренланд дел од Соединетите држави, велејќи дека тоа е од клучно значење за американските безбедносни интереси.

Но, на идејата се спротивставува мнозинството од 57.000 жители на Гренланд, кои се наоѓаат во средината на геополитичката трка за превласт на Арктикот, каде што брзото топење на мразот ги прави нејзините ресурси подостапни и отвора нови бродски рути.

„Луѓето сакаат промени… Сакаме повеќе работни места за да ја финансираме нашата благосостојба“, рече Јенс-Фредерик Нилсен, лидер на Демократит и поранешен министер за индустрија и минерали.

„Ние не сакаме независност утре, сакаме добри темели“, додаде Нилсен пред новинарите. Сега ќе разговара со другите партии за да се обиде да формира владејачка коалиција.