[ФОТО/ВИДЕО] Од криминалот преку исламот до активизмот: Малколм Икс

Точка

21/02/2025

21:36

1.046

Големина на фонт

а а а

Малколм Икс, роден како Малколм Литл на 19 мај 1925 година, во Омаха, Небраска, бил четврто од осумте деца на Луиз и Ерл Литл. Неговиот татко, баптистички проповедник и поддржувач на црниот националист Маркус Гарви, се соочил со закани од Кју Клукс Кланот, што го принудило семејството на чести преселби.

Во 1931 година, Ерл Литл бил пронајден мртов под сомнителни околности. Иако официјално неговата смрт била прогласена за несреќен случај, многумина веруваат дека тој бил жртва на расистичко насилство.


По неговата смрт, семејството западнало во тешка материјална состојба, а мајката Луиз поради психички тешкотии била сместена во психијатриска установа, додека децата биле сместени во разни згрижувачки семејства.

Млад криминалец

Како тинејџер, Малком го напуштил училиштето откако наставникот му рекол дека неговиот сон да стане адвокат е „нереален за црнец“. Тој се преселил во Бостон, а потоа во Харлем, Њујорк, каде што се занимавал со криминални активности како дилање дрога, коцкање и кражби.


Во 1946 година, тој бил уапсен за кражба и осуден на осум до десет години затвор. Додека бил во затвор, Малком се запознал со учењата на Нацијата на исламот (Nation of Islam) и нејзиниот водач Елајџа Мухамед.


Преобраќањето во исламот и интензивното самообразование го трансформирале животот на Малколм.

Малколм Икс

По излегувањето од затвор во 1952 година, Малком го зел презимето „Х“ како симбол на губењето на неговото африканско презиме поради ропството. Малколм подоцна станал еден од најистакнатите водачи на Нацијата на исламот, познат по својата харизма и елоквентност. Тој се залагал за црнечката гордост, самодоволност и одвојувањето на Афроамериканците од белата заедница, критикувајќи го расизмот и неправдата со кои се соочувале црнците во САД.


Во 1964 година, разочаран од внатрешните конфликти и моралните недоследности во Нацијата на исламот, Малком Икс ја напуштил организацијата. Истата година, тој заминал на аџилак во Мека, што длабоко влијаело на неговата перспектива, а исто така се здобил со муслиманското име - ел-Хаџ Малик ел-Шабаз.

Средбата со муслиманите од различни раси ги променила неговите ставови за расните односи и тој почнал да се залага за меѓурасна соработка и универзално братство. По враќањето во САД, тој ја основал Организацијата за афро-американско единство (Organization of Afro-American Unity), фокусирајќи се на човековите права и меѓународната соработка.

Атентат во 1965 година

Малколм Икс беше убиен на 21 февруари 1965 година, за време на говорот во „Audubon Ballroom“ во Њујорк. Додека се подготвувал да одржи говор пред речиси 400 луѓе, некој од публиката извикал: „Црнецу! Извади ја раката од мојот џеб!“ Додека Малколм се обидувал да ја смири ситуацијата, еден маж излетал и со сачмарка го застрелал во градите, по што уште двајца мажи испукале повеќе истрели од полуавтоматски пиштоли.



Малколм бил пренесен во Презвитеријанската болница, каде во 15 часот и 30 минути била констатирана неговата смрт. Обдукцијата покажала 21 рана на градниот кош, левото рамо, рацете и нозете.


Неговата смрт ги шокирала Афроамериканците, но неговата идеологија и борбата за правата на Афроамериканците продолжија да инспирираат генерации нови активисти.