Хамас го предаде телото на Шири Бибас, пред два дена предале погрешно тело

Макфакс

22/02/2025

11:30

1.083

Големина на фонт

а а а

Од кибуцот Нир Оз денеска беше потврдено дека телото на жената предадена од палестинската екстремистичка група Хамас во Појасот Газа и припаѓа на киднапираната Шири Бибас.

„Со длабока тага кибуцот потврдува дека Шири Бибас е убиена додека била заложничка во Газа“, рече портпаролката.

Хамас вчера го предаде нејзиното тело на Црвениот крст, ден по предавањето на туѓото. Во четвртокот екстремистичката група ги предала и телата на синовите на 32-годишната германско-израелска државјанка, Ариел, кој во моментот на киднапирањето имал само четири години и Кфир, кој тогаш имал само 9 месеци. Беше предадено и телото на друг затвореник, 84-годишниот мировен активист Одед Лифшиц.

Израелските форензичари подоцна во четвртокот утврдија дека останките во четвртиот ковчег не припаѓаат на Шири Бибас, како што тврдеше Хамас.

„Нашата Шири беше убиена во заробеништво и сега се врати дома кај синовите, сопругот, сестрата и целото нејзино семејство. И покрај стравовите за нивната судбина, се надевавме дека на крајот ќе успееме да ги прегрнеме, а сега сме во болка и скршено срце“, објави семејството, повикувајќи на итно враќање на сите преостанати заложници.

Хамас има намера денеска да ослободи уште шест заложници, од кои тројца порано од планираното. Предавањето на Тал Шохам, Омер Шем-Тов, Елија Коен, Омер Венкерт, Аверо Менгисту и Хишам ал-Сајед е предвидено да започне во 11 часот по локално време, а во замена се очекува Израел да ослободи од затвор околу 600 палестински затвореници, меѓу кои 60 отслужуваат долги казни, објавија палестински извори.

Меѓу шесте заложници кои денеска ќе бидат ослободени се и двајца мажи кои Хамас ги држеше во заробеништво околу 10 години.