Секоја година, на неговиот роденден, Жоел ле Скуарнек пишувал во својот дневник. Прво, ја запишувал својата возраст, а потоа додавал: „Јас сум педофил и се гордеам со тоа“.
За остатокот од светот, тој изгледал како почитуван медицински експерт, хирург кој се грижел за илјадници пациенти. Но, никој не знаел дека Ле Скуарнек, кој сега има 74 години, злоставувал деца.
Сега му се суди. Тој е обвинет за низа сексуални злосторства, кои вклучуваат 299 наводни жртви, од кои речиси сите биле негови пациенти, повеќето деца. Вкупно, тој е обвинет за 300 одделни кривични дела – 111 силувања и 189 сексуални напади – кои се случиле во текот на 25 години во повеќе од десетина болници.
Просечната возраст на жртвите била 11 години
Просечната возраст на неговите наводни жртви била само 11 години, а меѓу нив имало речиси еднаков број момчиња и девојчиња. Тој бил уапсен во 2017 година, по истрагата во која беа вклучени повеќе полициски сили, па дури и ФБИ.
Ле Скуарнек, како што пренесе Скај њуз, наводно е најголемиот злоупотребувач на деца кој некогаш бил уапсен во Франција, а можеби и во цела Европа.
По децении злоставување на пациентите без никакви последици, неговите злосторства излегоа на виделина кога неговата шестгодишна сосетка и рекла на мајка ѝ дека тој сексуално ја злоставувал додека си играла во градината на нивниот дом, во градот Јонзак во југозападна Франција.
Истрагите што следеа доведоа до пресуда и затворска казна за силување и сексуално злоставување на четири млади девојки во 2020 година. Но, доказите кои полицијата ги пронашла за време на таа истрага открија злоупотреба од многу поголеми размери.
Полицијата пронашла 300.000 фотографии и видеа од деца, кукли и дневници
Кога полицијата влегла во домот на Ле Скуарнек, пронашла 300.000 фотографии и видеа од деца (некои печатени, а некои на компјутери), 70 детски кукли – од кои некои биле врзани со ланци – перики и стотици тетратки и дневници со детали за неговите злосторства.
Ова откритие ги промени животите на стотици луѓе кои не беа свесни дека биле жртви на злосторствата на Ле Скуарнек. Меѓу нив била и една Французинка која сега е во доцните триесетти. Имала само 10 години кога била хоспитализирана поради акутно воспаление на слепо црево, а Жоел Ле Скуарнек бил нејзиниот хирург. Во своите дневници тој напишал детали за злоставувањето додека таа била под анестезија.
Долги години, како и многу други жртви, таа не знаела дека била нападната, сè додека посетата на полицијата не ѝ го разбуди чувството дека нешто се случило со нејзиното тело што таа не можела да го објасни.
ФБИ ги предупредил француските власти – добил четири месеци условна казна
„Овој човек го уништи мојот живот и животот на толку многу деца … Кога слушнав дека сум меѓу жртвите, си реков дека ова е делот на сложувалката што недостасувал“, рече Французинката. „Бев шокирана, но потоа почнав да го поврзувам ова со проблемите што ги доживеав, особено во врска со мојот проблем со интимноста и односите со мажите“.
Во 2004 година, како дел од глобалната истрага за педофилските мрежи, ФБИ пронајде докази дека Ле Скуарнек споделувал и преземал порнографски фотографии на деца преку веб-страница со седиште во САД.
ФБИ ги предупредил француските власти, а поранешниот хирург бил уапсен и обвинет за поседување фотографии од малолетници. Во 2005 година, случајот бил сослушан на суд, а хирургот бил осуден на четири месеци условна казна.
Една година подоцна, психијатар кој работел во истата болница со Жоел напишал допис до управата, изразувајќи загриженост дека хирургот повторно работел со деца и покрај тоа што бил осуден за споделување фотографии на педофилски веб-страници.
„Никој нема да нападне високо позициониран хирург“
Дописот бил упатен и до Народниот правобранител. Слично писмо за загриженост испратил и синдикат кој ги претставува здравствените работници. Но, не биле преземени никакви дополнителни мерки.
Во 2008 година тој бил префрлен во друга болница во Јонзак. Директорот на болницата го имал неговото досие во кое биле вклучени документи за неговите претходни пресуди и писма за загриженост од колегите, но решил да го вработи. Истата година, анестезиолог од истата таа болница бил осуден за поседување и споделување фотографии од деца. Исто така, и нему му било дозволено да продолжи да работи во болницата и да лекува млади пациенти.
„Никој нема да нападне високо позициониран хирург“, рече Франческа Сата, адвокатка која застапува некои од жртвите на Ле Скуарнек.
„Тој рече дека нашиот внук мора да остане во болница преку ноќ“
„Доказите постоеја. Неговиот дом беше претресен и пронајдени се фотографии од деца. Дневниците беа таму, но не беа откриени … тој можеше да биде запрен“, додаде таа.
Доколку му беше забрането да лекува деца во 2006 година, во овој случај ќе имаше најмалку 20 жртви помалку. Меѓу жртвите се најде и едно момче по име Матис Винет. Тој имал десет години кога поради стомачни болки завршил во болница.
„Го прими нашиот внук и го прегледа“, се потсети неговиот дедо Роланд, и додаде дека хирургот рекол дека Матис морал да остане во болница преку ноќ. „Тој рече дека доколку се случи нешто итно ќе бидеме известени“.
Ле Скуарнек му рекол на семејството да го остави Матис на негова грижа. Таа вечер наводно го малтретирал момчето додека лежело во кревет. Неговите баба и дедо сè уште ги имаат отпусните документи потпишани од поранешниот хирург.
Тој ден целосно го промени Матис, тврди неговото семејство. Тој не бил свесен дека Ле Скуарнек го злоставувал сè додека полицијата не му кажала, повеќе од една деценија подоцна, а тој си го одзеде животот пред четири години, на само 24 годишна возраст.
Судницата не е доволно голема за да ги собере сите жртви
Инаку, Жоел не негира дека малтретирал многу од децата за кои пишувал во своите дневници. На истражителите им рекол дека го направил сето она за што пишувал, но дека не го знаел точниот број на децата. За време на судењето, 299 наводни жртви ќе ги изнесат своите наводи против Ле Скуарнек, но можеби ќе ги има и повеќе.
Најмалку две години од дневникот на хирургот исчезнале, што значи дека поголем број на поранешни пациенти на Ле Скуарнек сè уште не се свесни што им се случило кога биле деца.
Случајот против поранешниот хирург вклучува толку многу жртви што нормална судница не е доволно голема за сите да ги собере. Ќе биде обезбеден дополнителен простор за сместување на стотици жртви, адвокати, членови на семејства, новинари и јавноста кои ќе ја следат постапката во следните четири месеци.
Повеќето од наводните жртви биле деца кога последен пат го виделе Жоел Ле Скуарнек. Сега се враќаат како возрасни, за да се соочат со него пред суд.