Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок денеска по повод предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за преселување на Палестинците од Газа изјави дека оваа енклава заедно со окупираниот Западен Брег и Источен Ерусалим му припаѓа на палестинскиот народ.
Таа посочи дека раселувањето на Палестинците од Појасот Газа би било „неприфатливо“ и против меѓународното право, пренесува Ројтерс.
Бербок рече дека Палестинците мора да бидат вклучени во решението на блискоисточното прашање и дека нивното протерување од енклавата ќе предизвика дополнително страдање и омраза.
Трамп предложи Палестинците да се преселат од Појасот Газа во Египет и Јордан, што тие земји го одбија.
Тој додаде дека САД ќе го преземат Појасот Газа, опишувајќи ја неговата визија за областа како нова „ривиера на Блискиот Исток“.