Судскиот совет ќе формира комисија за постапките што се воделе против Јованов, кој ја прегази Фросина: „По увидот во сите списи, ќе кажеме дали има пропуст“

Макфакс

05/02/2025

16:09

471

Големина на фонт

а а а

Судскиот совет ќе формира комисија која ќе утврдува дали имало пропусти во претходните постапки кои се воделе против 20-годишникот, Васил Јованов, кој смртно ја прегази, Фросина Кулакова, на булеварот Партизански одреди.

„Започнавме, разгледуваме, а утре и формално ќе биде формирана комисија од страна на Судскиот совет. По извршениот увид во сите тие списи ќе излеземе со став и ќе кажеме дали имало пропуст или не. Предмет на разгледување е општо се за што имаше забелешки во јавноста, по сето тоа ќе се постапува“, изјави Камбовски.

Тој пред два дена рече дека во моментот не треба да се носат одлуки или да се изведуваат заклучоци, но не ја исклучи можноста повторно да се разгледаат досегашните случаи против Јованов. Во врска со прашањето за тоа какви казни определуваат судовите, Камбовски тогаш изјави дека недостига официјална анализа, која би покажала дали навистина секогаш се оди со поблаги казни оти законот предвидува најблага казна од 4 години, но највисока од 20 години затвор. Тој смета дека драконски казни нема да го решат проблемот.


Фросина Кулакова беше прегазена на пешачки премин на булеварот Партизански одреди во Скопје на 29 јануари од 20-годишниот Васил Јованов за кого беше објавено дека возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло. Јавноста дополнително се вознемири по информациите дека возачот им бил познат на органите од постапка во која лани му се судело за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и прекурсори, но судот му одредил мерка поправен дом, третирајќи го како помлад полнолетник. И претходно предизвикал сообраќајка без возачка дозвола, но се спогодиле со оштетената страна.