МНР го одбележа Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот

Макфакс

27/01/2025

15:47

485

Големина на фонт

а а а

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија денеска на пригоден начин го одбележа 27 јануари – Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот. На овој настан, чиј домаќин беше министерот Тимчо Муцунски, беше отворена изложба од Јад Вашем – Израел, насловена „Аушвиц – место на Земјата: Албум со фотографии од Аушвиц“, во присуство на бројни гости, членови на еврејската заедница, дипломатскиот кор и претставници од научно-академската сфера.

Овие фотографии од Аушвиц претставуваат единствена досега позната визуелна документација за процесот на собирање и селектирање на Евреите кои биле депортирани во Биркенау. Во своето обраќање, министерот Муцунски се осврна на 80-годишнината од ослободувањето на овој злосторнички камп во окупирана Полска, каде, поради неразумните замисли на некои индивидуи, било спроведувано финалното решение за истребување на Евреите.

Муцунски оддаде почит кон жртвите и денешните наследници на македонските Евреи кои во 1943 година биле присилно депортирани. Тој нагласи дека, како полноправна земја членка на ИХРА, македонската Влада останува цврсто посветена на борбата против антисемитизмот, искривувањето на историските факти и негирањето на Холокаустот. Изрази надеж дека преку доследна едукација на младите генерации за Холокаустот ќе можеме како цивилизација да спречиме антисемитски акти во сите нивни форми.