Го нарекуваат последниот европски диктатор: Кој е Александар Лукашенко?

Точка

26/01/2025

14:58

2.519

Големина на фонт

а а а

Непредвидлив, авторитативен и непоколебливо проруски настроен, белорускиот лидер Александар Лукашенко себеси се нарекува „искрен претседател на обичните луѓе“. 70-годишникот, кој на Запад го нарекуваат „последниот европски диктатор“, Белорусија ја води речиси во целата нејзина постсоветска историја, не двоумејќи се да ги затвори сите оние кои му се спротивставуваат политички.

Тој денес речиси сигурно ќе го освои седмиот претседателски мандат, откако насилно ги задуши масовните протести поради фалсификувањето на гласовите што избија по последните избори. На блискиот соработник на рускиот претседател Владимир Путин не му пречи да го нарекуваат безмилосен автократ, па пред три години во парламентот изјави: „Јас сум диктатор, тешко ми е да ја разберам демократијата“.

Од фармер до лидер

Роден во 1954 година во тогашната Белоруска Советска Социјалистичка Република, Лукашенко бил на раководечки позиции во разни колективни фарми во државна сопственост пред да биде избран во највисокото законодавно тело на Белорусија (Врховниот совет) во 1990 година. Победил на првите демократски претседателски избори во Белорусија како независен кандидат во 1994 година, откако во кампањата се претставил како борец против корупцијата кој се залага за поблиски врски со Москва.


Следната година, тој ги предводел пратениците да го прогласат рускиот за официјален јазик, да го променат знамето како би личело на она од советската ера и да му дадат право да го распушти парламентот. Лукашенко дополнително го зацврстил своето владеење со последователни победи на изборите кои набљудувачите и групите за човекови права ги сметале за наместени.

Пред и по последните претседателски избори на 9 август 2020 година, стотици илјади луѓе излегоа на улиците протестирајќи против политичката репресија и обвинувајќи за изборна измама. Неговите безбедносни служби одговорија со апсење на десетици илјади демонстранти во огромните репресии кои оставија стотици претепани и мачени во притвор.

Во екот на немирите, Лукашенко го прелетал митингот со хеликоптер облечен во панцир и калашников, опишувајќи ги демонстрантите како „стаорци“. Опозициската лидерка Светлана Ќихановска, која се кандидирала против Лукашенко на местото на нејзиниот сопруг во затвор, била меѓу најмалку 100.000 кои избегаа од земјата.

Во белоруските затвори во моментов има најмалку 1.200 политички затвореници, вклучително и политичари и новинари, според организацијата за човекови права „Вијасни“.

Силна поддршка за Русија

Иако непоколеблив во поддршката за Русија и Путин, белорускиот лидер со години се обидувал да се позиционира како мост меѓу Европа и Москва. Тој, сепак, му дозволил на Путин да ја користи неговата земја како отскочна штица за инвазија на Украина во февруари 2022 година. Во интервју за АФП во раните денови на офанзивата, тој за конфликтот го обвини Западот, а не Москва.


„Вие ја поттикнавте војната и ја продолжувате. Доколку Русија не ве предупредеше, вие членките на НАТО ќе се организиравте и нападневте“, рекол тој.

Во 2023 година, Лукашенко посредувал за договор со тогашниот водач на платеници Евгениј Пригожин за да го прекине неговиот краток бунт против руското воено раководство, поштедувајќи го Путин од срам. Истата година, Путин распоредил тактичко нуклеарно оружје во Белорусија со одобрение на Лукашенко.

Белорускиот лидер ветил дека ќе употреби оружје „без двоумење“ доколку Минск биде нападнат.

Нема намера да умре

Во Белорусија, Лукашенко често поддржува бизарни политички предлози кои предизвикуваат и презир и потсмев кај Белорусите. За време на пандемијата, тој го отфрли коронавирусот како измама и препорача пиење вотка и парни бањи. Во октомври 2022 година, тој донел одлука за забрана за сите зголемувања на цените за да се спречи, како што изјавил, „прекумерната“ инфлација.

Некои аналитичари сугерираат дека за негов наследник го подготвува синот Николај (20), кој го придружувал татко му на многу официјални церемонии. Лукашенко повеќепати изјавил дека ќе се повлече „кога ќе биде потребно“, но нема знаци дека е подготвен да се повлече во скоро време. „Јас нема да умрам, луѓе“, им порачал тој на официјалните лица во мај 2023 година, откако пропуштил неколку јавни настани. „Ќе мора да ме трпите уште многу долго.