Комуникацијата со тинејџерите може да биде предизвик, а погрешните зборови често предизвикуваат повлекување или фрустрација. Експертката за родителство, д-р Луси Хемен, на својот профил на Тикток, преку неколку кратки видеозаписи истакна пет работи кои е најдобро да се избегнуваат при комуникација со тинејџерите.
„Секоја споредба предизвикува емоционална експлозија кај тинејџерите“, објаснува Хемен. Тинејџерите често чувствуваат длабок срам и непријатност, проследени со незадоволство или лутина. Затоа е важно да се избегнуваат споредбите.
Тинејџерите се во фаза на развој во којашто треба да преземат одговорност. Прекумерното советување може да ги фрустрира, особено ако советите не им се потребни. Почитувајте ја нивната желба да бидат понезависни и отстапете од предлозите кои повеќе не им требаат, советува експертката.
Хемен советува дека доколку поставувате премногу прашања и покажете премногу љубопитност за нивниот личен живот, тоа може да предизвика чувство на нарушување на приватноста кај тинејџерите што може да биде причина тие да се повлечат. „Целта е да се покаже интерес за она што го зборуваат, но да не се претера“, вели таа.
Претпоставките за лошо однесување можат да ги обесхрабрат тинејџерите. Наместо: „Пак ли нема да учиш?“ кажете им: „Каков е твојот план за учење? Како можам да ти помогнам?“ посочува д-р Хемен.
„Тинејџерите најчесто не сакаат да знаат премногу за вашиот личен живот“, вели Хемен. Споделувањето детали за разводот или љубовните врски може да биде непријатно за нив, дури иако мислите дека на тој начин градите поврзаност. Сè што го нарушува впечатокот за вашата емоционална стабилност или им изгледа премногу интимно, вообичаено им создава непријатност на тинејџерите, објаснува експертката за родителство.