Ги повикуваме на разговор доколку вистински се грижат за платите на вработените, во спротивно УПОЗ е синдикална организација што обработува за нечии партиски интереси, велат од Владата

Макфакс

15/01/2025

15:01

198

Големина на фонт

а а а

Протестите не се најдобриот начин на комуникација, Владата е отворена за постигнување договор со сите синдикални организации преку дијалог, велат од Владата за протестите на дел од јавната администрација и за барањето поголеми примања.

„Жалиме што УПОЗ и покрај Економско-социјалниот совет како тело во кое учествуваат и на кое секогаш сме дискутирале за сите предизвици, избра да протестираат. Владата докажа и покажа дека е партнер на работниците, затоа потенцираме дека како Влада сме спремни да седнеме на маса и да ги разгледаме сите предлози од страна на синдикатите. Штрајкот како прво решение не е легитимен чекор и покажува политичка инструираност“, наведуваат од Владата.

Од таму посочуваат дека протестите се малициозни и политички мотивирани, платите не се високи, но и можностите на буџетот се лимитирани.

„Доколку УПОЗ вистински се грижи за платите на работниците, ги повикуваме на разговор сѐ со цел вистинско изнаоѓање решенија. Во спротивно останува сомнежот дека УПОЗ е синдикална организација што обработува за нечии партиски интереси, кои не мислат ништо друго, освен собирање ситни политички поени на грбот на граѓаните“, соопштија од Владата.

Државната администрација од неколку министерства и денес излезе на получасовен протест со барање за 30 отсто поголема плата и потпишување на колективниот договор. Претседателот на Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ), Трпе Деаноски, денес, пред Министерството за култура, ја замоли опозицијата да не се лепи на протестот, а на Владата ѝ порача да не го меша УПОЗ со некој друг синдикат.