Тамарa Ристоска на престижната програма „Berlinale Talents 2025“

Точка

15/01/2025

14:03

252

Големина на фонт

а а а

Актерката Тамара Ристоска ќе учествува на престижната програма „Berlinale Talents“ коja ќе се одржи во рамките на овогодишното издание на „Berlin Film Festival - Berlinale“, еден од најзначајните филмски фестивали во светот. На 23-тото издание на оваа програма Тамара Ристоска е избрана помеѓу 3,836 апликанти од 123 држави, а таа е единствената учесничка од регионот.

„Berlinale Talents“ е платформа за развој на филмски таленти, која ја истражува уметноста и процесот на создавање филмови. Основана во 2003 година, оваа програма е препознатлива како еден од водечките форуми за филмски професионалци и ентузијасти. Со над 10.000 алумни ширум светот, Berlinale Talents ја претставува една од најголемите глобални филмски заедници, нудејќи уникатна можност за вмрежување и креативна соработка на меѓународно ниво.


Овогодишната тема на „Berlinale Talents“ е "Listen Courageously – Cinematic Narratives in Times of Dissonance", која ќе ги истражува значењето и важноста на слушањето во уметноста. Учесниците ќе имаат можност да се вклучат во дебати, работилници и дискусии со светски познати предавачи. Во изминатите години, учесници на главните теми биле филмски легенди како Мартин Скорсезе, Кејт Бланшет, Кристен Стјуарт, Рубен Остлунд, Џералдин Чаплин и Лупита Њонг’о.


Тамара Ристоска е истакната млада актерка од Македонија, која успешно гради кариера и на меѓународно ниво. Позната е по улогите во филмовите „Мими“, „Проблемот на Тина“, „Обичната Ели“, „Return to Silent Hill“, „Verified Target“ и други. Покрај тоа, таа настапувала и во домашните ТВ-серии „Фамилијата Марковски“ и „Тинејџерски Камп“, како и во српските продукции „Konstantinovo raskršće“ и „Branilac“.


Нејзините најнови проекти вклучуваат улоги во режисерското деби на Сара Климоска „Нова Енергија“, филмот „Lubarda“ на Горан Радовановиќ, како и „Ruka Pravde“ под режија на Немања Ќераниќ, каде Тамара ја игра една од главните улоги.


Учеството на Тамара Ристоска на „Berlinale Talents“ е огромно признание не само за неа, туку и за македонската културна сцена, покажувајќи дека нашите уметници имаат капацитет да се докажат на највисоко светско ниво.