Џенаро Гатузо неочекувано пристигна во Хрватска и го презема Хајдук изминатото лето, а доста брзо прерасна и во миленик меѓу навивачката група „Торцида“ која и тоа како ја препознава позитивната страст која ја пренесува италијанскиот стручњак.
Легендарниот Рино вчера наполни 47 години и направи роденденско интервју за сајтот на Хајдук за време на подготовките кои ги има првиот тим во Шпанија, во кое покрај тоа што се се заблагодари за честитките, му испрати порака и на својот поранешен капитен од италијанската репрезентација.
– Им благодарам на сите навивачи на Хајдук за искрените честитки, благодарност до цела Далмација и цела Хрватска. Ги чувствувам вашите пораки и добрата енергија, ја чувствувам топлината која ми ја давате. Можам слободно да кажам дека навивачите на Хајдук се вистинската причина поради која се уште сум во клубот. Тие ми даваат мотив напорно да работиме и да продолжиме да напредуваме , – вели Гатузо.
Од неодамна, Рино во Хрватска за свој ривал го добие легендарниот Фабио Канаваро, кој на крајот на 2024-та година реши да го преземе лутиот ривал Динамо од Загреб.
– Фабио знае дека презема голем тим со одлични играчи, но и тим кој има доста проблеми. Разговарав со него откако пристигна, му посакувам се најдобро, но не му посакувам да ја освои титулата. Тој беше мој капитен, минавме многу битки заедно, но сега сме големи ривали, – вели Гатузо.