Нобеловецот Хинтон предупредува: „Вештачката интелигенција може да предизвика изумирање на човештвото, процентите постојано се зголемуваат“

Точка

29/12/2024

16:02

4.303

Големина на фонт

а а а

Џефри Хинтон, нобеловец и експерт за вештачка интелигенција, повторно предупреди дека вештачката интелигенција(AI) може да доведе до исчезнување на човештвото.

Британско-канадскиот информатичар Џефри Хинтон, кој е познат како „кум на вештачката интелигенција“, истакнува дека брзината на технолошките промени е многу поголема од очекуваната.

Професорот Хинтон, кој оваа година ја доби Нобеловата награда за физика за неговата работа во оваа област, рече дека има „10 до 20%“ шанси вештачката интелигенција да предизвика исчезнување на човештвото во следните три децении, пренесува „Гардијан“.


Пред тоа, Хинтон тврдеше дека има 10 проценти шанси за катастрофални последици од технологијата.

Запрашан од водителот на „BBC Radio 4“ дали го променил своето предвидување за потенцијална „AI апокалипса“, Хинтон одговори: „Не, сепак има 10 до 20 проценти шанси“.

Хинтон истакна дека „никогаш не сме се занимавале со работи кои се поинтелигентни од нас“ и дека има многу малку случаи кога помалку интелигентна работа контролира поинтелигентна работа.

Тој како пример го наведе односот мајка-дете: „Еволуцијата вложи многу напор за да му даде на детето контрола над мајката, но тоа е единствениот пример за кој знам“, вели Хинтон.

Ние сме како тригодишни деца

Хинтон, кој е почесен професор на Универзитетот во Торонто, предупреди дека луѓето би можеле да бидат како мали деца во споредба со напредните системи за вештачка интелигенција.

„Замислете дека сте тригодишно дете. Ќе бидеме како тригодишници“, опиша тој.

Хинтон стана познат минатата година кога ја напушти работата во „Google“ за послободно да зборува за ризиците од развојот на вештачката интелигенција.


Тој нагласи дека е загрижен поради можноста за злоупотреба на технологијата. Неговата главна грижа е дека попаметните од луѓето системи би можеле да избегаат од човечката контрола и да го загрозат опстанокот на човештвото.

Хинтон призна дека не очекувал толку брз развој на вештачката интелигенција.

„Ова е многу, многу брзо, многу побрзо отколку што мислев“, рече тој. Според него, повеќето експерти се согласуваат дека во следните 20 години ќе се развие вештачка интелигенција која ќе ја надмине човечката интелигенција.

„Многу е страшно“, додаде тој.

Тој повика на владина регулација на технологијата.

„Се грижам дека невидливата рака на пазарот нема да не заштити. Попуштањето пред профитните мотиви на големите компании нема да обезбеди безбеден развој“, посочи тој.


„Единствениот начин да се принудат големите компании да посветат поголемо внимание на безбедноста е преку владина регулатива.

Хинтон е еден од тројцата „кумови на вештачката интелигенција“ кои ја добија наградата Тјуринг за својата работа, која се смета за еквивалент на Нобеловата награда за компјутерски науки.

Јан ЛеКун, еден од тројцата и главен научник за AI на Meta Platforms, изјави дека вештачката интелигенција „всушност може да го спаси човештвото од истребување“.