Миликије Халими е разрешена од директорската функција на „Аеродроми“, а за нов директор е именуван Игор Трајановски.
Таа во минатото беше градоначалничка на Арачиново од редовите на СДСМ, а потоа и инспектор во Царина, по што лани беше назначена за нов директор на државната компанија „Аеродроми“.
Халими ја презеде функцијата од Трајче Ангеловски, а нејзиното именување го следеа контроверзии и реакции во јавноста, кои се однесуваа на тоа дали ги исполнува условите, односно дали поседува универзитетска диплома. Медиумите тогаш пишуваа дека Халими, Арачиново го водела со стручно медицинско средно образование, додека во нејзините биографски податоци стоело дека студирала Педагошки факултет, но без да биде наведено кога дипломирала. Подоцна од нејзиниот кабинет објавија дека директорката има завршено економски факултет, но не беше прецизирано кога ги завршила студиите и на кој Универзитет.
Тогашниот премиер, Димитар Ковачевски, јавно ја поддржа изјавувајќи пред една година: „Новата директорка на Аеродроми Миликие Халими е избрана од Надзорниот одбор врз основа на исполнети критериуми“. Ковачевски додаде дека Халими приложила универзитетска диплома, како и многу други функционери.