На почетокот на јануари на дневен ред во Собранието ќе бидат ставени сите досега поднесени интерпелации, најави денес претседателот на Собранието Африм Гаши. Интерпелации се поднесени за вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити, за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и за неговиот заменик Астрит Исеини, за министерот за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ и за Илире Даути, претседателка на Комисијата за социјала политика, демографија и млади.
„Најавата е дека веќе на почетокот на јануари ќе биде свикана, првата седница ќе биде околу тоа. Очекуваме околу 10 јануари, но се уште не е свикана седницата. Ќе бидат ставени на дневен ред како што е по Деловник. Ако има одговори ќе бидат ставени на дневен ред како што доаѓаат одговорите, ако не, ќе ги ставиме на дневен ред како што доаѓале. Интерпелацијата како инструмент нема правна последица и нема егзекутивна моќ во нашиот правен поредок. Тоа е повеќе демократска алатка за политичка дискусија околу една тема, околу еден носител на должност или избрано и именувано лице од Собранието“, рече претседателот на Собранието Гаши.
Интерпелациите за Меџити, Тошковски, Стоилковиќ и Исеини на трети декември ги поднесе пратеничката група на Европскиот фронт, по апсењата за инцидентите при одбележувањето на Денот на албанското знаме.
Интерпелацијата, пак, за Илире Даути ја поднесе партијата Левица на крајот на ноември оти во рок од 24 часа не го ставила на дневен ред на собраниска комисија законот за бранители.