Предраг Мијатовиќ се претвори во најголем критичар на Карло Анчелоти во последните два месеци, период во кој легендарниот Црногорец посочи дека Италијанецот не личи на себе, но и дека не гледа како би успеал да го врати тимот на вистинскиот пат.
Овие зборови на Пеџа пристигнаа по ужасните изданија во Лигата на шампиони, но бидејќи тимот позитивно реагираше и успеа да се врати во победнички ритам, Мијатовиќ сега ги „проголта“ своите изјави и посочи дека Дон Карло е најголемиот тренер во историјата на Реал Мадрид.
„Кралевите“ ја освоија титулата на Интерконтиненталниот Куп и Анчелоти со 15-тиот трофеј стана најуспешен тренер во постоењето на шпанскиот великан, па Пеџа немаше проблеми да признае дека Италијанецот му докажал дека греши, бидејќи пред се го решил главниот проблем од стартот на сезоната.
– Реал Мадрид победува на 18 финалиња во низа и тоа е нешто неверојатно, тоа е застрашувачки за ривалите кои играат против Реал во финалето. Тројцата напаѓачи постигнаа гол на последното финале, но главен проблем за тимот беше играта во одбраната од стартот на сезоната. Главна работа за Анчелоти беше да ги реши тие проблеми и изгледа дека го направи тоа.
– Поради тоа, морам да му честитам, неверојатна е честа да се биде најуспешен тренер во историјата на клубот. Пред неколку години никој не можеше да го замисли ова, па кога го велам ова, и јас потенцирам дека Анчелоти е најдобар тренер во историјата на Реал. Го велам тоа без нималку сомнеж. Сметам дека тоа е така поради освоените титули, но и поради начинот на кој работи и на кој ги третира сите во клубот.
– Тој е комплетен тренер, тешко дека Реал ќе пронајде сличен на него во иднина. Ќе има други добри млади тренери, ќе имаат помодерни сфаќања, но ниту еден нема да има квалитети како Карло. Невозможно е да се пронајде нешто слично на Анчелоти, – потенцира Мијатовиќ.