[ВИДЕО] Јамал даде коментар за вонсериската асистенција за Рафиња: Се работи за техника која „ми лежи“

Дерби

04/12/2024

09:07

1.377

Големина на фонт

а а а

Барселона се разигра во второто полувреме на Балеарските Острови и постигна четири голови во мрежата на Мајорка, па така каталонскиот гигант ја прекина лошата серија од три меча без победа во Ла Лига.

Стартот на месец декември донесе позитивни ветришта во тимот на Ханси Флик и тоа го нагласи самиот германски стручњак по победата од 1:5, а иако сите играчи одиграа на висина на задачата во вторите 45 минути, потег на мечот беше додавањето на Ламин Јамал.

Неверојатниот фудбалски талент испорача вонсериско додавање со тривела и ја извади од игра цела одбрана на Мајорка, пронаоѓајќи го во шеснаесетникот својот соиграч Рафиња.

Бразилецот само ја спроведе топката во голот и во тој момент зголеми на 1:3, но се чини дека отпорот на Мајорка беше скршен токму во тој момент и мечот доби сосема едносмерен правец до крајот.

По триумфот, Јамал даде изјава за своето додавање кое се почесто почна да го применува, специјалитет кој е достоен само за играчи кои имаат посебна дарба за фудбалска игра.

– Станува збор за техника која доста добро ми оди и која „ми лежи“. Често знам да ја применувам и знам како да ја погодам топката. Многу сум среќен за голот на Рафиња, навистина добро се разбираме на теренот и си ги читаме движењата. Тој знае дека секогаш можам да имам таков обид за пас кога сум на таа зона од теренот, – изјави Јамал.