Министерството за култура и туризам го објави конкурсот за град на културата за 2025 година

Макфакс

22/11/2024

14:11

250

Големина на фонт

а а а

Министерството за култура и туризам денеска го објави конкурсот за финансирање проект од национален интерес, манифестација „Град на културата во 2025 година“.

На конкурсот, чија цел е создавање услови за рамномерен културен развој, достапност на културните вредности за граѓаните, како и заживување на културата на локално ниво, може да учествуваат општините во РС Македонија, со исклучок на Град Скопје, и општините во градот Скопје.

Пријавувањето се врши со електронско аплицирање на националниот портал за е-услуги: https://uslugi.gov.mk почнувајќи од 22.11.2024 г. во 14 часот, заклучно со 22.12.2024 г. во 14 часот.

Техничките упатства и поддршката при регистрирањето и процесот на аплицирање корисниците ќе може да ги најдат на веб-страницата на uslugi.gov.mk (https://uslugi.gov.mk/frequently-asked-questions.nspx), како и преку контакт-центарот на овој национален портал за е-услуги.

Еден од приоритетите на Министерството за култура и туризам е унапредување и достапност на македонската култура, а со проектот „Град на културата“ се зајакнуваат културниот развој и развојот на туризмот на локално ниво, а соработката со локалната самоуправа придонесува за економски и туристички поттик на општините во државава.

Град на културата во 2024 година беше Крива Паланка, која во текот на целата година презентира богата програма и издржан програмски концепт, со разни жанрови и естетика од традиционалното и од современото творештво, со учество на релевантни домашни и странски уметници. 



Спонзорирани линкови

Маркетинг