Пушењето е поврзано со синдромот на ненадејна смрт на доенчиња: Еве што треба да знае секој родител

Точка

17/10/2024

14:37

840

Големина на фонт

а а а

Синдромот на ненадејна смрт се однесува на ненадејна и необјаснета смрт на очигледно здраво дете за време на спиењето. Иако сè уште не е позната точната причина за оваа страшна појава, новото истражување укажува на неколку фактори на ризик.

Дали знаевте дека пушењето на мајката за време на бременоста и изложеноста на детето на чад од тутун по раѓањето се поврзани со поголем ризик од синдром на ненадејна смрт на доенчиња (СИДС)?

Гинекологот и акушер д-р Надија Јајкумар објаснува како пушењето влијае на здравјето на бебињата и какви мерки можат да преземат родителите за да го намалат ризикот од овој синдром.

СИДС најчесто се јавува за време на спиењето, а смртта доаѓа или додека бебето е во длабок сон или за време на преминот од сон во будност. Иако СИДС ги погодува децата до една година, околу 95% од случаите се јавуваат во првите шест месеци од животот, а најчеста е кај бебињата на возраст меѓу два и четири месеци.


Пушењето за време на бременоста го зголемува ризикот од СИДС

Пушењето кај мајката за време на бременоста долго време е препознаено како фактор на ризик за СИДС. Тоа го изложува фетусот на штетни материи како што се никотин и јаглерод моноксид, кои го попречуваат развојот на мозочните центри кои го контролираат дишењето и будењето од сонот, објаснува д-р Џејкумар.

- Овие токсини за време на бременоста го зголемуваат ризикот од респираторни проблеми кај бебињата и ја намалуваат нивната способност да одговорат на ниските нивоа на кислород, што ги прави поподложни на СИДС. Според една неодамнешна студија, бебињата чии мајки пушеле и пиеле алкохол по првиот триместар имаат дури 12 пати поголем ризик од СИДС во споредба со оние кои не биле изложени на овие штетни влијанија или биле изложени само во првиот триместар. Ова истражување јасно покажува колку однесувањето на мајката може да влијае на здравјето на детето – заклучува гинекологот.


Пасивното пушење и СИДС

Опасноста од пушењето не престанува ниту по раѓањето на детето. Бебињата изложени на пасивно пушење се исто така изложени на поголем ризик од СИДС.

- Чадот од тутунот содржи над 7.000 хемикалии кои го оштетуваат респираторниот систем на детето и го отежнуваат дишењето. Бебињата кои постојано се изложени на пасивно пушење потешко се будат од сон, што е важно за нивната заштита од СИДС - објаснува д-р Јајкумар.

На пример, мајката може да се погрижи нејзиниот дом и автомобил да бидат без чад за да ја намали изложеноста на нејзиното бебе на пасивно пушење. Дури и ако мајката пуши надвор, хемикалиите што остануваат на нејзината облека и коса може да претставуваат опасност за бебето кога го допира или храни.


Што можат да направат родителите?

Постојат неколку чекори што родителите можат да ги преземат за значително да го намалат ризикот од СИДС. Еве неколку препораки од експерти:

Престанете да пушите пред или за време на бременоста и заштитете го вашето бебе од пасивно пушење


Направете простор за спиење без чад од тутун за вашето бебе

Секогаш ставајте го бебето да спие на грб и избегнувајте да користите перници, ќебиња и играчки во креветчето

Потврдено е дека доењето, доколку е можно, го намалува ризикот од СИДС

- Оваа врска помеѓу пушењето и СИДС може да им помогне на родителите да донесат поправилни одлуки за пушењето и да создадат поздрава средина за бебето, намалувајќи го ризикот од оваа страшна појава - заклучува д-р Џекумар.




Спонзорирани линкови

Маркетинг