[ФОТО/ВИДЕО] Ураганот на векот оди во „поход“ на САД, метежи на улиците, снема бензин: „Кој остане, ќе умре“

Точка

09/10/2024

09:10

6.670

Големина на фонт

а а а

Флорида се подготвува за една од најсилните тропски бури во последните сто години. Ураганот „Милтон“ се движи спрема американскиот брег, а властите ги повикуваат жителите итно да се евакуираат. „Милтон“ пак се засили на бура од категорија 5, а можеби ќе биде најсилната бура која некогаш ја има погодено Флорида.


Иако се предвидува дека ќе ослабне пред да стаса до копното, ќе порасне во висина, што значи дека неговото катастрофално влијание ќе се почувствува во поголем дел подрачја, а се очекува дека на брегот на Флорида ќе пристигне во текот на денешниот ден.

Предупредувања до жителите: Бегајте или ќе умрете

Претседателот Џо Бајден ќе предупреди жителите на Флорида дека мора итно да се евакуираат во пресрет на ураганот „Милтон“, потенцирајќи дека се работи за „прашање на живот или смрт“. „Евакуирајте се сега, сега, сега“, додаде Бајден и потенцираше дека сојузната влада ќе понуди помош „пред, во текот и по бурата“.

Додека градоначалничката на Тампа ги предупреди жителите да „бегаат или ќе умрат“.


Милтон носи особено силни ветрови до 250 км/h, а се предвидува дека бурата со сета сила ќе го погоди густо населеното подрачје Тампа Беј денес во вечерните часови, и тоа помалку од една недела од минатиот ураган Хелена.


Во тек е голема евакуација

Десетици илјади луѓе направија метеж на улиците и заглавија во сообраќајот во обид да се евакуираат.

„Ова ќе биде бура којашто ќе ги смени животите“, изјави за „BBC“, Џералд Лемус, жител на Флорида којшто целиот свој живот го поминал таму, и никогаш досега не се евакуирал поради ниту еден ураган.


Патарините привремено се укинати на улиците во западна и централна Флорида со цел да се олесни сообраќајот, а на бензиските во јужна Флорида се формираа долги редици, што придонесе кон снемување на бензин во одредени бензински станици.


Сообраќајниот метеж во одредени подрачја порасна за дури 90% во однос на вообичаените денови, соопшти гувернерот Де Сантис.


„Најсилниот ураган во изминатите 100 години“

Џо Бајден исто така предупреди дека ураганот „Милтон“ би можел да биде една од најсилните бури којашто ја има погодено Флорида во последните 100 години.

Гувернерот Рон Де Сантис потенцираше дека Флорида има отворено десетици засолништа за оние кои не можат да го напуштат подрачјето за кое се очекува дека ќе биде погодено од бурата. „Имаме едно засолниште кое може да прими до 10.000 луѓе, останатите засолништа можат да примат илјадници“, изјави Де Сантис.


Де Сантис бурата ја нарече „чудовиште“, додека Белата куќа соопшти дека Бајден ја откажал планираната посета на Германија и Ангола со цел да ги надгледува подготовките за „Милтон“, како и напорите за надминување на последиците од неодамнешниот ураган Хелена.

Некои градови и окрузи на Флорида воведуваат полициски час

Додека „Милтон“ ѝ се приближува на Флорида, градовите у окрузите воведуваат полициски час за луѓето кои остануваат во тие подрачја.


Округот Флаглер денес, воведува полициски час кој ќе трае од 19 до 7 часот наутро по локално време, додека Форт Мајерс ќе биде под 24 часовен полициски час, започнувајќи од вторник во 22 часот.


Исто така округот Волусиа воведува полициски час како и градот „Naples“ и островот во округот „Lee“ каде што полицискиот час ќе започне денес во 22 часот по локално време.