Терористичкиот напад на Хамас врз Израел и војната во Појасот Газа, како и неговите последици, предизвикаа цела низа промени во Саудиска Арабија, окупираниот Западен Брег, Либан, Сирија, Јордан и Египет во претходната година.
Дојче веле (ДВ) анализираше што се случува во тој регион од кобниот 7 октомври.
Саудиска Арабија
Откако Саудиска Арабија ги замрзна разговорите за нормализирање на односите со Израел по 7 октомври 2023 година, тој потенцијален договор стана дел од мировните преговори меѓу Израел и Хамас.
Во меѓувреме, 7 октомври повторно ја разгоре пропалестинската солидарност во општеството на Саудиска Арабија, вели за ДВ Себастијан Зонс од германскиот институт КАРПО. Сепак, политички и економски, војната меѓу Израел и Хамас повеќе се доживува како директна закана за амбициозната трансформација на кралството.
„Затоа саудиската политика се фокусираше на дипломатско балансирање во последната година“, истакнува Зонс.
Либан
Веднаш по нападот на Хамас врз Израел, влијателното вооружено крило на Хезболах во Либан, класифицирано како терористичка група од ЕУ, почна да го напаѓа северен Израел.
„Првично, Хезболах беше критикуван поради неговата одлука да влезе во војна со Израел и да го вовлече Либан во конфликтот. Но, од 7 октомври Хезболах ужива зголемена поддршка кај либанското население“, вели за ДВ Кели Петило, експерт за Блискиот Исток во Европскиот совет за надворешни односи.
Според неа, многу Либанци се огорчени од однесувањето на Израел во Газа и од фактот што меѓународната дипломатија не дава резултати.
„Тие почнаа да го гледаат Хезболах како единствен гарант за солидарност со Палестинците“, додава Петило.
Сепак, по речиси една година од она што аналитичарите го нарекуваат „ограничени борби“, имаше ескалација во септември.
Јордан
Соседниот Јордан, кој потпиша мировен договор со Израел во 1994 година, веќе една година балансира на политичко затегнато јаже.
„Од 7 октомври Јордан најмногу се обидува да ја балансира силната домашна поддршка за палестинската кауза со односите со Израел“, објаснува Кели Петило за ДВ.
Јорданскиот крал Абдула Втори и неговата сопруга, кралицата Ранија, која има палестинско потекло, постојано изјавија дека не се подготвени да примат повеќе палестински бегалци. Тоа ќе ја загрози палестинската кауза во целина и директно ќе го прекрши мировниот договор, вели Петиљо.
„Сепак, сега, со потенцијалното отворање на нови фронтови, не само во Либан, туку и на Западниот Брег, Јордан се соочува со сопствениот кошмар“, смета аналитичарот.
„Оваа ситуација повторно ги буди стравовите што се појавија веднаш по 7 октомври, имено ширењето на конфликтот и миграцијата на Палестинците во Јордан како резултат на тоа“, додава Петило.
Окупиран Западен Брег
„Ситуацијата на Западниот Брег беше многу напната дури и пред 7 октомври“, изјави за ДВ Петер Линтл, соработник на одделот за Африка и Блискиот Исток во германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања.
Палестинската самоуправа е слаба со години, еврејските доселеници ги напаѓаат Палестинците, а сегашната десничарска израелска влада дополнително ги влоши тензиите - со тоа што во својата коалициска програма објави дека Западниот Брег, или како што го нарекуваат, Јудеја и Самарија, може да му припаѓа само на еврејскиот народ, објаснува Линтл. „Сето тоа се интензивираше од 7 октомври.
Екстремистичките еврејски доселеници ги напаѓаат палестинските цивили, а тензиите меѓу израелската војска и палестинските милитантни групи на окупираниот Западен Брег достигнаа ново највисоко ниво во септември.
„Западниот брег е буре барут што може да експлодира во секој момент“, вели Линтл.
„Во нормални времиња, може да се каже дека ситуацијата е веќе неподнослива со исклучително голем број жртви, само што сега е во сенка на војната во Газа и настаните од 7 октомври“, додава аналитичарот.
Сирија
„Војната што избувна на 7 октомври дополнително го сврте вниманието на медиумите од Сирија и конфликтот што таму трае повеќе од 13 години“, потсетува ДВ Лоренцо Тромбета, аналитичар за Блискиот Исток од Бејрут и консултант на агенцијата на ОН.
Тој наведува дека во граѓанската војна во Сирија сè повеќе доминираат странски сили, како Русија, Иран, Турција, Израел и САД. „Сите овие актери тврдат дека се борат против тероризмот, како и дека нивната цел е стабилност и безбедност“, објаснува Тромбета.
Во меѓувреме, сирискиот претседател Башар ал-Асад, кој првично беше изолиран поради неговата брутална репресија врз сириското население, се повеќе беше добредојден повторно во арапските и европските кругови.
„На внатрешен план, владеењето на Асад повеќе не е доведено во прашање“, истакнува Тромбета.
Тој наведува дека Асад последната година молчи за настаните и последиците од 7 октомври, додавајќи дека неговиот „пристап со тивка дипломатија, далеку од медиумското внимание, е насочен кон постигнување на долгорочни внатрешни цели“.
Египет
Од сите земји во регионот, само Египет најде начин да ја искористи кризата за да ја зајакне својата геополитичка важност по 7 октомври, оценува за ДВ, Тимоти Е.
Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси соработуваше со Израел за дозволите за премин на стоки во Газа и помогна да се одржи блокадата, објаснува Калдас. Исто така, вели тој, централната улога на Египет во преговорите за прекин на огнот повторно ја зацврсти важноста на Каиро.
„За возврат, Каиро доби многу дополнителна поддршка од Вашингтон“, нагласува Калдас. Белата куќа одобри воена помош во износ од 1,3 милијарди долари (1,16 милијарди евра) за 2024 година.
„Ова е првпат администрацијата на Бајден да ја даде целата сума“, рече тој, додавајќи дека во минатото Вашингтон барем задржуваше дел од помошта што беше условена со прашањата за човековите права. „И Египет всушност стана многу полошо во врска со тоа“.
Дополнително, пред 7 октомври, Египќаните најмногу беа фокусирани на влошувањето на економската состојба во земјата.
„Сепак, ужасните воени злосторства извршени од Израел врз палестинските цивили во Газа, исто така, беа во фокусот“, вели Калдас.
Тој верува дека јавното мислење може дополнително да се промени, бидејќи Египќаните се повеќе ја гледаат нивната влада како дел од проблемот. „Раководството на Египет ќе мора да направи деликатна рамнотежа во иднина, бидејќи ќе се обиде да ја задржи поддршката од Западот“, заклучува Калдас во изјавата за ДВ.