Обландите се десерт којшто честопати го правеле нашите баби и мајки, а најчесто се дел од празничните трпези, но одлични се и како секојдневен десерт во комбинација со кафе или чај.
Меѓутоа постојат повеќе верзии на овој популарен десерт, но која и да се одлучите да ја направите нема да згрешите.
300 милилитри млеко
300 грама шеќер
100 грама чоколада за готвење
200 грама мелени ореви
200 грама мелен кекс
250 грама маргарин или путер
Пет кори обланда
Млекото и шеќерот ставете го во тенџере, и варете ги на тивок оган додека смесата не зоврие. Потоа тргнете го тенџерето од огнот и додајте маргарин или путер, а потоа вратете го повторно на огнот и варете ја смесата неколку минути со постојано матење додека не се растопи путерот. Откако ќе се истопи путерот оставете ја смесата да се излади па додајте мелен кекс и ореви.
Изматете ја смесата и поделете ја на четири еднакви делови. Еден лист обланда ставете го на чинија или во тепсија и намачкајте го со една четвртина од смесата, притоа внимавајте смесата да не ја ставате на краевите за да не истекува. Првиот лист обланда покријте го со друг лист обланда и продолжете со подготовката на ист начин сè додека не ги потрошите корите – обланда.
Откако ќе завршите со подготовката потребно е обландите да ги притиснете со тежок предмет за убаво да се спојат и изладат. Пред сервирањето важно е да користите остар нож, за сечењето да биде поедноставно како и да не го расипе обликот на обландите.