Нетанјаху вети дека ќе ги врати жителите на северот во нивните домови

Макфакс

18/09/2024

21:33

623

Големина на фонт

а а а

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе ги врати во своите домови десетиците илјади жители евакуирани од северната погранична област со Либан.

„Реков претходно, ќе ги вратиме жителите на северот во нивните домови безбедно и токму тоа ќе го направиме“, објави Нетанјаху во кратката видео порака.

Тој не ги спомна експлозиите насочени кон Хезболах во Либан во изминатите два дена, пренесоа агенциите.

Во меѓувреме, бројот на жртвите од денешните најнови експлозии на комуникациски уреди низ Либан се зголеми од девет на 14, а повеќе од 450 луѓе се ранети, соопшти либанското Министерство за здравство.

Началникот на израелската армија, генерал-полковник Херзи Халеви изјави подоцна оваа вечер дека Израел подготвил дополнителни планови против Хезболах и е подготвен да нападне.

Израел има „многу повеќе опции“ кои се уште не се искористени во борбата против Хезболах, објави „Тајмс оф Израел“.

„Имаме многу можности кои се уште не се активирани, видовме некои од овие работи и ми се чини дека сме добро подготвени и се подготвуваме да ги реализираме овие планови“, рече Халеви и додаде дека во секоја фаза цената за Хезболах треба да биде висока, пренесе медиумот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг