Европа дополнително се затвора поради илегалните мигранти: Германија од понеделник ја обновува контролата на сите 3.800 километри од својата граница на шест месеци, Шведска на мигрантите ќе им понуди 30.000 евра за да се вратат дома, а Холанѓаните воведуваат еден вид вонредна состојба за Владата да добие одврзани раце во борбата против имиграцијата, па следната недела ќе побараат од Европската комисија да ги изземе од политиката на Унијата за азил и миграција.
Од 2026 година, Шведска планира да го зголеми надоместокот за доброволно заминување на мигрантите на 30.000 евра, за оние кои немаат работа и не се интегрираат, како што вели Лудвиг Асплинг од екстремно десничарските Шведски демократи. Паричниот бонус е само една мерка во рамките на бројните измени на законот за азил што владата ги спроведе или сè уште ги планира, пренесува германски АРД. Шведската влада сака да дизајнира исклучително рестриктивен систем за имиграција, по примерот на Данска. Данците го зголемија и бонусот за заминување, но ефектите се мали: Годишно заминуваат од 100 до 200 повеќе луѓе.
Затворање на границите
Во Германија, владата на Олаф Шолц, по прободувањето со нож на сириски барател на азил на фестивалот во Солинген и успехот на екстремната десница АфД на изборите во Тирингија и Саксонија, одлучи да ја врати граничната контрола на шест месеци. Одлуката стапува на сила од понеделник, 16 септември.
Досега германската полиција ги контролираше границите со Полска, Чешка, Австрија и Швајцарија, а сега контролите се прошируваат на уште пет земји и тоа на границите со Франција, Луксембург, Холандија, Белгија и Данска. Според Шенгенскиот договор, земја-членка може да воведе контроли само привремено и во случај на „исклучителни околности“.
Како резултат на контролите од октомври 2023 година, повеќе од 30.000 луѓе се вратени од границите на Германија, рече министерката за полиција Ненси Фесер. Тоа придонесе за пад на бројот на баратели на азил за повеќе од една петтина во споредба со минатата година, тврди таа.
Нови правила на ЕУ
Германија ги претставува своите мерки како привремени и неопходни додека се чека стапувањето во сила на новиот европски систем за азил. Надворешните граници на ЕУ конечно треба да бидат сеопфатно заштитени, а одговорноста за бегалците во Европа поправедно распределена.
Иако Германците од октомври спроведуваат гранични контроли со Полска, „тесно координирани“ со Полјаците, Варшава протестираше, тврдејќи дека не биле однапред информирани за плановите на Германија, па канцеларот Олаф Шолц телефонски разговарал со полскиот премиер Доналд Туск во петокот.
Опасност за Шенген
Низ Европа, граничните контроли се заоструваат од десничарските или центристичките влади кои стравуваат од зајакнување на екстремната десница. По терористичките напади во 2015 година, Франција повторно ги воведе граничните контроли – и оттогаш во голема мера ги одржува. Од 2015 година, Данска повторно ги контролира границите. Франција ги оправдува мерките со зголемената закана од тероризам и заканата за внатрешната безбедност. Но, контролите се проблем за транспортерите – само меѓу Германија и Холандија секојдневно патуваат околу 100.000 камиони.
Секој час чекање на граница чини 100 евра за камион, предупредуваат од логистичката задруга ТЛН. Полска е ригидна кон бегалците, Италија го гради првиот прифатен центар за мигранти во Албанија. Италија најави и продолжување на граничните контроли со Словенија најмалку до декември. Сето ова доведе до загриженост за тоа дали ќе дојде до крајот на Шенген како таков.