Овој кандидат за градоначалник не јаде, не спие, но затоа носи одлуки за помалку од секунда

Точка

14/06/2024

16:16

7.945

Големина на фонт

а а а

Вештачката интелигенција има навистина големи можности кои повеќето луѓе допрва треба да ги откријат. И додека пишувањето на мејлови и кратки текстови веќе е честа пракса, а некои користеле и „ChatGPT“ за пишување на говори и изработка на презентацијата, тоа сè уште е алатка на која и е потребен човек за да се користи.

Но, што кога таков „AI“ четбот ќе одлучи да се вклучи во политиката? Токму тоа во моментов се случува во САД. „AI“ четбот со име „VIC“ – виртуелно интегриран граѓанин – се обидува да добие место на гласачкото ливче за изборите за градоначалник на Шајен, главен град на сојузната држава Вајоминг.

Како што јавуваат американските медиуми, „VIC“ се базира на „GPT-4“ моделот на „Open AI“ и трениран е на илјадници градски документи, а негов автор е библиотекар од Шајен Виктор Милер. Милер, ако победи „VIC“, ќе служи како човечки фактор во управувањето на „VIC“ со градот, но вештачката интелигенција ќе биде одговорна за носење на одлуките.


Иако звучи добро, изгледа дека тоа нема да биде лесно да се оствари. Имено, „VIC“, иако не е официјален кандидат, веќе има политички непријатели. Почнувајќи од државниот секретар на Вајомнг, Чак Греј, кој се обидува да ја оспори законитоста на четботот за политичка кандидатура.

Поради тоа е отворена истрага која би требало да утврди дали „VIC“ ги исполнува сите потребни услови за кандидатура. Резултатите од истрагата би требало да бидат познати на почетокот на јули, кога ќе бидат објавени официјалните кандидати.


Друг проблем е што „OpenAI“ не дозволува користење на своите големи јазични модели за политички кампањи. Тоа би значело дека Милер ќе мора или да се повлече од трката, или да го префрли „VIC“ на некој друг голем јазичен модел.

И додека некои мислат дека „AI“ градоначалник ќе биде многу подобар избор од актуелните политички кандидати кои се нудат, други сепак предупредуваат дека „AI“ е далеку од совршена и дека греши како и вистинските луѓе.

Дали „VIC“ на крајот ќе смее на избори или не, ќе се знае за некоја недела, а до тогаш Милер ја води кампањата како за кој било друг кандидат.




Спонзорирани линкови

Маркетинг