Александра Пападопулу за „360 степени“: Мицкоски и Силјановска-Давкова не се обични граѓани, тие ја претставуваат државата

Точка

13/06/2024

21:16

2.708

Големина на фонт

а а а

Заменик-шефицата на грчката дипломатија Александра Пападопулу имаше интервју за „360 степени“ во кое нагласи дека премиерот и претседателката имаат одговорност да го почитуваат Преспанскиот договор и дека не се обични граѓани.

Александра Пападопулу најпрво кажа дека секогаш е емотивно да се врати на местото каде минала голем дел од животот, мислејќи на Скопје, додавајќи дека кога била дел од Еулекс во Приштина знаела да го посети главниот град на Македонија.

На прашањето која е пораката што ја носи за новата влада и за граѓаните на Македонија, таа вели: „Технички гледано, станува збор за старата влада зашто идниот премиер сè уште, ако не грешам, не дал заклетва, но пораката е иста и секогаш ќе биде иста – тоа е порака на пријателство до граѓаните и до земјата. Ние сме соседи, сојузници во НАТО, се надевам дека ќе бидеме и партнери во ЕУ и оттука сакаме ова пријателство да продолжи и да зајакне. Грција сака да ја продолжи блиската соработка со вашата земја, но има основа за оваа соработка, а тоа е Преспанскиот договор. Строго придржување до сите преземени обврски од меѓународното право, вклучувајќи го и Преспанскиот договор, е основата за оваа соработка. Сакам да се надевам и да очекувам вакво продолжување на соработката со новата влада“.

Пападопулу додаде и дека и покрај тоа што Мицкоски и Силјановска-Давкова изјавиле дека ќе го почитуваат Преспанскиот договор, нивните зборови мора да бидат поддржани со дела.

На забелешката на новинарот на „360 Степени“ дека претседателката и мандатарот веруваат дека имаат, како што велат, основно човеково право на самоопределување и слобода на изразување, Пападопулу вели:

„Кога премиерот, претседателот или министерот за надворешни работи, или министерот за одбрана зборуваат во официјален капацитет, тие ја претставуваат државата, а државата има уставно име кое е утврдено и договорено со меѓународен договор заклучен во рамките на резолуции на Советот за безбедност на ОН. Дозволете ми уште еднаш да појаснам – ова име, уставното име на земјата е име за севкупна употреба (ерга омнес) договорено во согласност со меѓународното право и мора да се почитува. Тоа не е лично прашање. Тие не се обични граѓани, тие ја претставуваат државата“.

Целосното интервју можете да го прочитате ТУКА!




Спонзорирани линкови

Маркетинг