Засега мирен изборен ден и за обвинителствата, Бајрами чека кривични пријави по сомнежите за изборен поткуп во Охрид и Крива Паланка

Макфакс

08/05/2024

14:14

388

Големина на фонт

а а а

Во согласност со информациите добиени од јавните обвинителства во целата држава, денешниот изборен ден, на кој се гласа на парламентарните и на вториот круг од изборите за претседател, до овој момент, генерално, поминува мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес, рече Џељаљ Бајрами, претседател на Комсијата на Обвинителството за следење евентуални кривични дела поврзани со изборите

Од почетокот на гласањето утрово до јавните обвинителства и на посебната електронска адреса izbori@jorm.mk не се пријавени инциденти или неправилности на гласачките места, а кои би имале елементи на кривично дело.


„Во текот на вчерашниот ден веќе известивме дека по поднесена пријава во ОЈО Велес, со сомненија за изборен поткуп и пронајдено оружје и муниција, беше оформен предмет во ОЈО Велес за две лица. За едното веќе има итна постапка со предлог за притвор за поголемо количество оружје и муниција, кои беа пронајдени кај него. За второто лице предметот ќе оди во редовна постапка, а во исто време ОЈО Велес веќе презема дејства за проверка на наводите што се однесуваат на изборен поткуп. Исто така, известувања за сомненија за поткуп на гласачи беа примени и во Охрид и во Крива Паланка, меѓутоа до овој момент за овие настани не е поднесена кривична пријава до надлежните обвинителства. Доколку биде поднесена пријава, обвинителствата веднаш ќе преземат дејства на проверки“, вели обвинителот Бајрами.

Поради малиот број настани кои би можеле да имаат обележја на кривично дело, Бајрами цени дека може да се даде генерална оценка дека целиот изборен процес до овој момент минува без поголеми нарушувања од аспект на јавнообвинителското постапување.

Привремената комисија на Јавното обвинителство за следење евентуални изборни нерегуларности продолжува да го следи целиот тек на изборниот процес. Електронска адреса izbori@jorm.mk останува отворена за сите евентуални пријави на сомненија за кривично дело, кое би можело да го наруши текот на изборите. И денеска се организирани вонредни дежурства во сите основни јавни обвинителства, а координации се прават и со други институции надлежни за следење на изборниот процес. Сите евентуални сомненија за кривични дела, кои би можеле да го нарушат изборниот процес, ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства.



Спонзорирани линкови

Маркетинг