Моќни ракети пристигнуваат во Украина? Досега не се видени на фронтот, досегот им е 300 километри, се чека уште потписот на Бајден

Точка

22/04/2024

19:48

2.005

Големина на фонт

а а а

Благодарение на бројните и често полни складишта ширум Европа, кога Џо Бајден ќе стави потпис на законот со кој се одобрува нов пакет на помош за Киев, првите пратки на оружје и муниција ќе може веднаш да тргнат кон украинската граница.

Приоритет секако ќе бидат проектилите за хаубици од 155 милиметри и друга артилериска муниција и противвоздушна одбрана. Бројни бази и складишта во Германија, Полска и други сојузнички земји истовремено и помагаат на Украина да ги одржува системите за вооружување и да ги обучува војниците да управуваат со нив.

Германија, на пример, воспостави центар за одржување тенкови „Леопард 2“ во Полска, во близина на украинската граница. Таквиот систем овозможува многу побрзо враќање на сервисирано вооружување во борба.


Ако пакетот од 61 милијарди долари се подели на делови, 23,2 милијарди долари ќе одат на пополнување на американските резерви за оружје. Со други зборови, всушност станува збор за набавка на вооружување и муниција за замена на средствата кои претходно се префрлени во Украина, што не мора да значи дека овие нови капацитети ќе бидат пратени во Киев во догледно време.

За одржување и проширување на воените операции на САД во регионот – што вклучува и обука и на украинските војници – се издвојуваат 11,3 милијарди долари, а 13,8 милијарди долари се наменети за купување на нови современи системи за вооружување. Пентагон би требало да потпише договор со американски одбранбени компании за снабдување на Киев со ново оружје и опрема.


Посебна одредба

Нешто повеќе од 13,4 милијарди долари може да се искористат за замена и поправка на оружје кое претходно е префрлено во Украина и за финансирање на обука на Украинци. Надвор од пакетот од 61 милијарда долари, програмата „Foreign Military Financing“ предвидува доделување на бесповратни средства за купување на оружје од произведувачи во вредност од 1,6 милијарди долари, а Пентагон ќе добие и авторизација да прати постоечко оружје до вредност од 7,8 милијарди долари.

Со посебна одредба во предлог законот е предвидено администрацијата на Џо Бајден што е можно побрзо во Украина да префрли ракети со долг досег „ATACMS“. Меѓутоа, американскиот претседателот може да ја одложи таа одлука ако тоа „им штети на интересите и националната безбедност на САД“, бидејќи факт е дека овие ракети со досег од 300 километри досега биле спорна работа, па Американците бараат гаранции од Украина дека нема да ја гаѓаат Русија.

Според непотврдени извештаи, американскиот став за „ATACMS“ сега прилично ублажен со оглед на тоа дека Украина е во многу тешка позиција и потребна е сета можна помош.


Помош за украинската економија

Пакетот вклучува и помош за украинската економија. Предлогот предвидува доделување на кредит од 7,85 милијарди долари до 30-ти септември 2025-та година, но и се забранува на Украина парите да ги троши за исплата на пензии. После ноември 2024-та година, американскиот претседател ќе може да отпише 50 проценти од тој долг, а од 1-ви јануари 2026-та и целиот долг ако Конгресот го поддржи тоа.

Што се однесува до Израел, од 26 милијарди долари, четири милијарди ќе одат на целосни израелски резерви за одбранбените ракети „Железна купола“. Од приближно 8 милијарди долари за „Индо-пацификот“, Тајван би требало да добие 3,3 милијарди долари за изградба на подморници и подморска инфраструктура, а 1,9 милијарди долари за полнење на американските складишта од кое разно оружје е веќе префрлено во Тајван и другите сојузници во регионот.




Спонзорирани линкови

Маркетинг