[ВИДЕО] Незапаметени поплави во Бразил! „Ова е катастрофа, а ќе биде и полошо“

Точка

02/05/2024

19:53

8.207

Големина на фонт

а а а

Десет лица загинале, а 21 се водат како исчезнати по обилните дождови кои предизвикале бројни поплави и свлечишта оваа недела во јужната бразилска држава Рио Гранде до Сул, а локалните власти предупредуваат дека состојбата е критична и дека би можело дополнително да се влошува.

На конференцијата за новинари во среда, гувернерот на државата Едуардо Леите рекол дека разговарал со претседателот Луиз Инацио Лула да Силва барајќи ја сета можна федерална помош.

„Во Рио Гранде до Сул минуваме низ најлошите моменти, најлошата катастрофа во нашата историја. Апсолутно е сериозно тоа што моментално се случува во Рио Гранде до Сул“, рекол Леите. „И за жал, ќе биде уште полошо“, рекол тој.

Лула денеска би требало да отпатува во таа држава.

„Најголемо уништување во државата во последните години“

Според гувернерот, бурата предизвикала најголемо уништување во државата во последните години, поради што неколку градови останале изолирани откако мостовите се урнале, а улиците се уништени насред поплавите и свлечиштата.

Леите прогласил прекин на наставата во целата држава до крајот на неделата и нагласил дека вооружените сили побарал целосна поддршка за ефектно да учествуваат во координацијата во овој момент, кој е сличен со соочување со војна.

Властите изброиле повеќе од 3.400 раселени лица по невремето кое предизвикало раст на нивоата на реките и поплавите во разни делови од државата, погодувајќи 114 општини.

Во извештајот од вторникот, државната влада предвидела опасност од поплави „практично во целата држава“ со оглед на изгледите за продолжување на силните врнежи следните денови.

Во извештајот исто така се наведува дека поплавите ќе бидат сериозни во сливовите на многу реки, и дека се можни поголеми поплави и масовни свлечишта во регионите со стрмни падини.



Спонзорирани линкови

Маркетинг