Голем колку два автобуси: Пронајден фосил од одамна изумрен рептил

Точка

19/04/2024

13:35

12.189

Големина на фонт

а а а

Научниците ги проучиле неодамнешните фосилни наоди и откриле дека веројатно станува збор за најголемиот морски рептил кој некогаш пливал во океаните. Станува збор за суштество подолго од два автобуси кое живеело пред 202 милиони години. Неговата фосилизирана вилична коска во 2016-та година ја пронашол трагач по фосили на плажата во Сомерсет во Велика Британија.

Во 2020-та година татко и ќерка на истото подрачје пронашле уште една слична коска. Експертите наведуваат дека фосилите потекнуваат од два џиновски ихтиосауруси, кои можеле да бидат долги 25 метри. Ихтиосаурусите се изумрени рептили налик риби. Наликувале на денешните делфини.


Исчезнале во текот на масовно изумирање

„На основа на големината на вилицата, една од нив е подолга од два метри, а другата е два метри, можеме да заклучиме дека целото животно би можело да биде долго околу 25 метри“, рекол палеонтологот Дин Ломакс од Универзитетот Бристол, пренесува „BBC“.

„Но, потребни се дополнителни наоди, како целиот череп и костурот, за да се потврди таа големина на суштеството. Џиновскиот ихтиосаурус изумрел во масовно изумирање, а ихтиосаурусите кои живееле подоцна веќе не ја достигнувале таа големина“, додал тој.


Собира фосили веќе 25 години

Паул де ла Сал собира фосили веќе 25 години, а на вилицата наишол во 2016-та година кога ги пребарувал плажите во Сомерсет. Другиот фосил во 2020-та година го пронашле таткото и ќерката Џастин и Руби Рејнолдс на 10 километри.

„Бев навистина, навистина возбуден. Знаев дека сега имаме огромна вилична коска“, рекол Ломакс. Де ла Сал веднаш по пронаоѓањето отишол на плажата за да им помогне на експертите да го пронајдат остатокот од телото.

„Копав во дебелата кал и по речиси еден час удрив во нешто цврсто. Пронајдовме совршено сочувана коска“, рекол тој.

Експертите по анализата на пронајдените фосили заклучиле дека станува збор за нов вид на ихтиосаурус.




Спонзорирани линкови

Маркетинг