Обраќањето на легендарниот музичар Момчило Бајагиќ - Бајага по повод реизданието на првата плоча на Бајага и Инструктори - „Позитивна географија“, стана вирално на социјалните мрежи.
Претставувањето на реизданието на првата плоча се одиграло во холот на РТС, а обраќањето на музичарот пред присутните за момент го прекинале поединци кои правеле врева, а тој им одржал мала лекција по култура и убаво однесување.
„Може ли да ве замолам да престанете да зборувате тука? Еве, надвор е блиску да се излезе, да се испуши цигара, или било што. Не е дека сега сакам некоја баш специјална атмосфера, но барем добро да се слушнеме. Инаку, јас не слушам баш најдобро така што, ако јас слушам, значи дека вревата е баш голема“, порачал Бајага.
Видеото набрзо стана вирално на социјалните мрежи, а сите застанале во негова одбрана и со одобрување го коментирале неговиот гест.
„Бајага одржа час по култура во живо во програмата на РТС. Не вреди, мора вака. Браво“, гласи коментарот на една корисничка на социјалната мрежа „Х“.