(Видео) Научниците веруваат дека снимиле октопод во моментот додека сонувал кошмар

Точка

29/05/2023

14:46

21.563

Големина на фонт

а а а

Новото истражување на американските научници спроведено на еден октопод укажува на тоа дека тоа интелигентно суштество може да има кошмари во текот на сонот.

Научниците во неодамнешното истражување известиле дека го набљудувале необичното однесување на октоподот кое наликувало на будење од кошмар. Октоподот, наречен Костело, бил континуирано следен еден месец во лабораторија на Универзитетот Рокфелер во Њујорк.

Според научниците, во четири одвоени случаи, Костело нагло се разбудил од сон и почнал да се однесува антипредаторски и предаторски. Октоподот ја променил бојата и покажал непостојани движења со краците. За чудо, во два случаи Костело испуштил црно мастило во водата, одбранбена тактика која обично се користи за избегнување на предатори, иако заканата воопшто не била присутна.

Научниците сугерирале дека однесувањето на октоподот укажува на привремена вознемиреност, потенцијално поврзана со лош сон. Било навистина бизарно бидејќи изгледало како да е во болка, изгледало како можеби да пател, за момент. Потоа само станал како ништо да не се случило и продолжил со својот ден како и обично, рекол Ерик Ангел Рамос, еден од коавторите на истражувањето кое е објавено на „bioRxiv“ и чека рецензија.

Во минатото преживеал голема траума

Костело претходно претрпел тешки повреди, вклучувајќи губење на два краци, веројатно во напад на предатор. Истражувањата покажале дека таквите инциденти кај животните може да доведат до долготрајни бихевиорални и неврални трауми. Тоа сугерира дека одговорите на Костело може да бидат поттикнати од сеќавања на нападот.

Иако истражувањето допрва треба да мине рецензија и вклучувало само еден октопод, поттикнало истражвуања за потенцијални искуства налик на сништата на интелигентни суштества. Меѓутоа, истражувањето на мозочните активности на октоподотите и потврдување на нивните способности за сонување е тежок процес.

Каде да се стават електроди на животно кое нема облик? – се прашува Марсело Магнаско, еден од авторите на истражувањето.

Алтернативни објаснувања

Претходно истражување од 2021-ва година пронашло докази за циклус на спиење кај октоподите сличен како кај луѓето.

И покрај тоа, Робин Крук, професорка по биологија на Државниот универзитет во Сан Франциско, предложила алтернативно објаснување за чудното однесување на Костело. Рекла дека тоа би можело да се припише на стареењето, односно на распадот на телото на октоподот пред смртта.

За жал, Костело починал набрзо откако се случиле овие епизоди. Крук забележала дека движењата прикажани во видеото се индикативни за недостиг на моторичка контрола, што би можело да ја потврди теоријата за стареењето.

Меѓутоа, авторите на истражувањето признале дека се потребни понатамошни истражувања и повторување на нивните наоди. Препорачале идните истражувања кои вклучуваат континуирано следење на октоподи да бидат со 24 часовно снимање со камера за да се стекне сеопфатно разбирање на нивното однесување.




Спонзорирани линкови

Маркетинг