„Ја мразам мајка ми“ - нов роман на Верица Митева: „Со книгата сакав да прикажам колку е важно да се формираат цврсти врски во семејството за да не дојде до катастрофални последици“

Точка

04/05/2023

14:22

125.631

Големина на фонт

а а а

По „Нечесна игра“ и „Во војната и љубовта“ која во 2021 година го освои првото место на „Избор на книга на годината“ во категоријата „Домашни автори“, младата писателка Верица Митева ги изненади читателите со нов роман.

Станува збор за „Ја мразам мајка ми“, трогателен роман во кој емоциите се леат од страница на страница и вибрираат низ секој збор.

Повеќе за самиот процес на пишување на книгата, пред какви предизвици се поставени нашите млади автори, колкава е заинтересираноста за читање книги, прочитајте во интервјуто со Верица во продолжение:

„Ја мразам мајка ми“ е твојата нова книга која ќе биде промовирана на овогодишниот Саем на книгата. Кажи нѝ нешто повеќе околу неа и самиот процес на пишување.

- Книгата „Ја мразам мајка ми“ е семејна драма во која сакав да прикажам колку лесно децата во тој критичен адолесцентен период можат да потпаднат под различни влијанија и колку е важно да се формираат цврсти врски во семејството за да не дојде до катастрофални последици предизвикани од погрешни избори. Со оваа книга, сакав и на децата, и на родителите, да им укажам дека е многу важно на децата да им се даде слобода да ги искажуваат своите чувства, да бидат сослушани без осуда, на мирен, совесен начин да им се укажува на грешките и да им се дозволи самостојно да донесуваат одлуки без претерано критизирање.

Целта на книгата е да укаже на тоа дека родителите дефинитивно не се наши непријатели, но сепак, и тие имаат грешки, а секое дете, во тој процес на созревање и истражување на сопствениот карактер, неретко знае да сокрие многу важни работи кои тлеат во него, а кои можат да бидат кобни доколку не се работи на нив. Сакам да ги охрабрам сите родители и деца да разговараат меѓу себе, да ги споделуваат сопствените стравови и да создаваат релација во која секој од нив ќе знае дека секогаш може да смета на другиот.

Твоите претходни книги „Нечесна игра“ и „Во војната и љубовта“ имаат романтична нишка, додека „Ја мразам мајка ми“ е исполнета со елементи на мрачна драма. Како одлучи и што те инспирираше да напишеш книга од ваков жанр?

- Оваа книга им ја посветив на моите родители. Чувствував потреба да им се заблагодарам за се’ што направиле за мене. Кога ќе се навратам на периодот на моето растење, сфаќам колку често биле во право кога ми забранувале одредени работи, кога ме терале да бидам внимателни и со работи, и со луѓе, што сфаќам дека обидите да не ги послушам тогаш, можеле да ме доведат до поголема опасност отколку што сум можела да замислам. Затоа, сакав на некој начин да ја покажам мојата почит и љубов кон нив.


Колку според тебе има заинтересираност кај македонскиот народ за читање книги, дали читаме како нација?

- Мислам дека во последните години расте бројот на читатели и тоа посебно ме радува. Можеби поголем проблем кај нас е куповната моќ на читателите која во услови на постојано зголемување на цените постојано се намалува, но затоа постојат библиотеките кои сметам дека се добро снабдени, па секој може да си дозволи да ужива во читање книга.

Во последно време на македонската писателска сцена се појавуваат многу млади автори. Со какви предизвици се соочуваш како млад автор и колку си задоволна од издавачката дејност кај нас?

- Ме радува што македонските автори конечно почнуваат да бидат препознаени и признаени кај нас. Забележувам дека се читаат исто како и странските и мислам дека беше време да почнеме да го цениме и нашето, бидејќи има што да се понуди. Јас предизвиците ги мерам во однос на самата себе и се трудам секоја следна тема за пишување која ќе ја одберам да биде поскокотлива и интересна за читателот. Издавачките куќи последниве години исто даваат шанси на млади, непознати автори што е за пофалба.


Во пресрет на Саемот на книгата, што најмногу уживаш да читаш и дали имаш некоја книга која ти е на листата на купување?

- Во последно време, почест избор за читање ми се романсите и драмите, а од саемот планирам да се вратам со дела од македонски автори.



Спонзорирани линкови

Маркетинг