Конгресмените го испрашувале шефот на ТикТок за приватноста, управувањето со содржините, врските со Кина, а еден политичар го прашал дали апликацијата се спојува на Ви-Фи мрежата во домаќинствата.
ТикТок е мегапопуларна апликација меѓу младите, но бројни западни држави одлучија да ја забранат апликацијата на службените телефони на политичарите и службениците од страв поради кршење на приватноста и прашањата за национална безбедност. А токму тоа биле и темите за кои во четвртокот директорот на компанијата Шоу Чу одговарал на прашањата на американските конгресмени.
Имало тука прашања за правилата за приватност, управувањето со содржините, безбедноста за децата и потенцијалните врски со кинеската влада, но и други сосема бизарни прашања кои сосема го изненадиле Чу.
Ричард Хадсон од Северна Каролина со сериозно лице го прашал: „Пристапува ли ТикТок до домашната Ви-Фи мрежа“?
Прашањето го збунило Чу, бидејќи логично, ако телефонот е споен на домашна мрежа, апликацијата преку неа пристапува на интернет.
„Само ако корисникот го вклучил своето Ви-Фи“, одговорил збунетиот Чу со коментар: „Се извинувам, но можеби не разбирам што ме прашувате …“
„Ако имам ТикТок на телефонот и мојот телефон е на домашна мрежа, пристапува ли ТикТок на таа мрежа“, повторил Хадсон.
Чу одговорил дека ќе мора да пристапите на мрежата ако сакате врска на интернет.
Претставникот од Тексас, Ренди Вебер не поставил прашање, туку кажал дека ТикТок ги индоктринира децата со споделување на про-комунистичка пропаганда.
Конгресменот Бади Картер барал да му се објасни како работат популарните филтери. Прашал дали ТикТок ја користи камерата за да го идентификува телото или податоци за телото, на што Чу одговорил дека компанијата не ги собира тие податоци. Единствените податоци кои ги користат е да идентификуваат каде гледа корисникот, за да применат соодветен филтер, како очила. Тие податоци се бришат кога корисникот ќе го исклучи филтерот, на што Картер прашал – а зошто мора да знаете каде гледа корисникот?