Курти за 1-ви септември: Обичен ден, а можеби и не

Макфакс

16/08/2022

13:44

2.838

Големина на фонт

а а а

Косовскиот премиер Албин Курти тврди дека 1 септември ќе биде нормален ден. Тој вели дека не е загрижен оти 1 септември, кога му беше одложена одлуката за задолжително издавање на влезно-излезни документи, ќе биде нормален ден и не ја исклучува можноста за поинаков договор за време на претстојната средба со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Брисел.

„1-ви септември ќе биде нормален ден на граничните премини – или ќе издадеме документи за влез-излез, или двете страни ќе ги откажат“ – рече Курти во интервју за Би-Би-Си на српски јазик.

Не исклучувајќи ја таа можност, Курти, кој изминативе денови дава бројни интервјуа за странски медиуми, вели дека се надева дека за тоа ќе разговара со претседателот Вучиќ како дел од „актуелната тема“.

На прашањето дали всушност ова е неговата преговарачка платформа за бриселските преговори, Курти тврди дека таков предлог веќе му дал на претседателот на Србија на средбата во рамките на иницијативата за соработка на регионалните лидери Брдо Бриони.

„Му реков – признајте ги документите на Косово, а тој ми рече дека тоа е неприфатливо бидејќи така ќе се признае независноста. Иако тоа би било добро, му реков дека не е точно – Словачка, Грција, Романија не ја признаваат независноста, но ги признаваат документите на Косово“ – вели Курти.

Приштина, вели тој, ќе ја продолжи кампањата за замена на регистарските таблички и тврди дека Белград е загрижен бидејќи мисли дека луѓето ќе го прифатат тоа.

Тој тврди дека замената на табличките е во корист на косовските Срби.

„Но, јасно ми е дека дури и кога ќе заврши процесот, тоа нема да биде крај – ни треба договор со Србија бидејќи сè е парцијално додека не постигнеме правно обврзувачки договор за целосна нормализација на односите, врз основа на взаемно признавање“ смета Курти.



Спонзорирани линкови

Маркетинг