"Starlink" интернетот достапен во 32 држави, наскоро и во Македонија

Точка

13/05/2022

19:44

36.728

Големина на фонт

а а а

Сателитската интернет услуга на "SpaceX", "Starlink", сега е достапна во 32 светски земји, објавила компанијата.

Вселенската компанија на Илон Маск на "Twitter" профилот ја објавила оваа информација, а навеле дека услугата ќе биде испорачана веднаш, што е голем напредок во однос на претходната ситуација, во која купувачите чекале по неколку месеци за да добијат платена услуга.

Споделиле и "screenshot" кој ја прикажува мапата на достапност на овие услуги. Така услугата сега е достапна во поголем дел од Европа, Северна Америка и во делови од Јужна Америка, Австралија и Нов Зеланд.

Поголемиот дел од остатокот од светот е обоен во сина боја, која означува дека во овие делови услугата ќе пристигне наскоро. Според мапата, во Македонија тоа ќе се случи во вториот квартал од оваа година.

На почетокот на годината "SpaceX" навел дека услугата ќе биде достапна за 25 земји, но сега овој број е зголемен за уште седум, што значи дека услугата моментално е достапна за 32 држави. Но, сега предноста е тоа што "SpaceX" наведува дека услугата веднаш ќе им биде испорачана на купувачите.


Инаку, првите 60 сателити на "Starlink" биле лансирани пред помалку од две години на ракети "Falcon 9". Од тогаш "SpaceX" постојано лансира нови сателити на висина од 500 километри во Земјината орбита.

Според планот, во орбитата би требало да се најдат дури 42.000. На секој сателит се наоѓаат четири антени, соларни панели и јонски потиснувачи со погон на криптон, кои им овозможуваат на сателитите маневрирање во вселената. Секој сателит во себе содржи сензори кои ја јавуваат моменталната позиција и содржат автономен систем за избегнување на судири. По завршувањето на својата работа, сателитите ќе изгорат во Земјината атмосфера во рок од 1-5 години.

Минатиот месец "Rest of World" објавил извештај за тоа дека повеќето корисници на "Starlink" се сместени во Северна Америка.




Спонзорирани линкови

Маркетинг