EyeCue за Точка: „Барем 500 евра да освоевме награда на Макфест, патни трошоци да покриевме“

Точка

21/09/2021

16:50

243.862

Големина на фонт

а а а

„Да сме заедно пак“ е насловот на нумерата со која EyeCue се претставија на овогодишниот Макфест.

Пишува: Цеце Николова
Фото: Тоши Трајчев

Бојан Трајковски од EyeCue се потпишува како комплетен автор на композицијата, а на сцената се појави заедно со неговата девојка Марија Ивановска, која е вокал во бендот.

Нивната нова песна слушателите ја оценуваат како лесна за слушање, во 'EyeCue стил', но, за жал, публиката и жирито на „Макфест“ 2021 не оцениле дека „Да сме заедно пак“ треба да добие некоја награда.


EyeCue за Точка велат дека од Лондон (каде што живеат од минатата година) дошле специјално за „Макфест“ - ете, толку многу им значи овој фестивал. А еве што велат на прашањето како се чувствувале на макфестовската сцена.

„Кога излегуваме на сцена воопшто, прекрасно се чувствуваме, особено кога изведуваме нови песни. Многу нѝ е драго што сме дел од Макфест и оваа година. Сè е прекрасно, организацијата е прекрасна“, вели Марија.

„Ние сме ураганот EyeCue, дојдовме ден пред настапот, а си одиме ден по настапот. Песната инаку ја снимивме во Лондон. Макфест одлично изгледа на отворено, некако помагично е. Дава некој поинаков flavour, како да е фестивалче во Тоскана, во Италија“, вели Бојан.

Бојан и Марија минатата година во време на пандемија првпат настапија на „Макфест“, со песната „Ти си ми сон“, која исто така не освои награда, но остана хит од минатогодишниот „Макфест“.

„Лани свиревме на Макфест и после една недела се преселивме во Лондон. Немаме поим што се случувало со песната од минатогодишниот Макфест, но добивавме пораки дека се слуша и дека е одлично прифатена. Мислам дека и оваа песна ќе биде добро прифатена“, вели Бојан за Точка.

Ја прашавме Марија какви се реакциите по настапот на 36-то издание на најстариот фестивал на забавни мелоди, еве што нѝ одговори:

„Откако заврши настапот, мене ми 'гори' телефонот. Сите велат дека многу им се допаѓа песната, дека одлично сме звучеле“.

Непосредно пред прогласувањето на победниците на „Макфест“ 2021, ги прашавме EyeCue дали очекуваат оваа година да бидат високо пласирани.

„Очекуваме прва награда, ако ептен таа е зафатена, може втора, ако и втората е наместена, од незгодно треба да ни дадат трета награда. Дошол некој од подалеку за награда од нас? Од Лондон дојдовме. Уште од Северен пол да дојде некој фали“, се шегуваат Бојан и Марија.

„Барем 500 евра да освоевме награда, патни трошоци да покриевме“, низ смеа заклучуваат EyeCue



Спонзорирани линкови

Маркетинг