„2Be“ за Точка: „Сакавме да влеземе во финале на Макфест и да бидеме во бекстејџ со некои од нашите идоли“

Точка

18/09/2021

15:30

201.010

Големина на фонт

а а а

Момците од „2Be“ вчеравечер беа дебитанти на 36-то издание на Макфест 2021. За жал, не се пласираа во финалето, но се многу задоволни од својот настап.

Пишува: Цеце Николова
Фото: Тоши Трајчев

Љупче Стојановски, Тино Стојановски и Синиша Зукиќ се преставија со песната „Сто милји од мене“, композиција на Ѓорѓи Крстевски и неговата мајка.

Ги прашавме зошто токму оваа година одлучија да се пријават на „Макфест“ и дали порано размислувале за тоа.

„Со Ѓорѓи Крстевски соработуваме веќе подолго време. Нè праша дали сакаме да испратиме композиција на Макфест и ако нè одберат да учествуваме, и ние се согласивме. Задоволство нѝ беше првпат да учествуваме на овој фестивал. Секоја година гледаме Макфест. Секоја година велевме 'ајде следната ќе се пријавиме', но сега имавме вистинска песна“, вели вокалот на бендот, Љупче Стојановски.


Нивниот настап првпат пред макфестовската публика би го нарекле полн со самодоверба. Воопшто не се забележуваше дека се дебитанти и дека никогаш порано не настапиле на „Макфест“.

„Кога се симнавме од сцена сите го имавме истиот коментар - дека многу брзо нѝ помина. Цел ден нѝ помина во подготовки за настап од 3 минути, кои поминаа без да осетиме. Се надеваме дека штипската публика ќе нè запознае подобро, не само како бендот на Александра Јанева, туку и како 2Be“, вели гитаристот Тино Стојановски.

„Имавме навистина голема желба да влеземе во финале, ако ништо друго барем да бидеме во бекстејџ со некои што нѝ биле идоли. Сакавме да може да зборуваме со нив, да размениме искуства и да настапиме пред нив“, признава бубњарот Синиша Зукиќ.

„Не влеговме во финале, но важно е песната да остане, да биде слушана и публиката да ја сака“, заклучуваат за Точка момците од 2Be.



Спонзорирани линкови

Маркетинг