Објавена досега најголемата студија за ефикасноста на Фајзер, ова се резултатите

Точка

06/05/2021

10:28

5.318

Големина на фонт

а а а

Досега најголемото истражување за ефикасноста на вакцината Фајзер/Бионтек против коронавирусот на општата популација покажува дека вакцината овозможува заштита поголема од 95 отсто, а истовремено таа заштита значително опаѓа ако лицето се вакцинира само со една наместо двете препорачани дози.

Авторите на истражувањето од израелската национална кампања за вакцинирање велат дека се приложени докази од реалниот живот дека пандемијата би можела да биде спречена со брзите, глобални програми за вакцинација.

Анализата на јавноздравствените податоци од Израел - една од земјите со најголем удел на потполно вакцинирани возрасни лица - покажала дека вакцината исклучително ги заштитилa и постарите лица во време кога доминираше позаразниот британски сој, според резултатите објавени во медицинското списание „Lancet“.

До почетокот на април, речиси 5 милиони луѓе во Израел примиле две дози од вакцината Фајзер/Бионтек, што е повеќе од 70 отсто од популацијата.


Заштитата е помала со само една примена доза

Студијата покажала дека две дози овозможуваат 95,3 отсто заштита од инфекција и 96,7 отсто заштита од смрт 7 дена по втората примена доза. По 14 дена, таа заштита се зголемила на 96,5 отсто, односно 98 отсто. Но, заштитата била значително помала кога луѓето добиле само една доза од вакцината.

Помеѓу 7 и 14 дена по првата доза, утврдено е дека заштитата од инфекција е 57,7 отсто, а заштитата од смрт е 77 отсто.

Авторите велат дека една доза може да овозможи пократок период на заштита, особено во опкружување во кое се појавуваат нови вирусни соеви.

„Важно е што истражувањето покажува дека две дози значително го зголемуваат нивото на имунитет и заштита“, вели Џонатан Бал, професор по молекуларна вирологија на Универзитетот во Нотингем, кој не бил вклучен во истражувањето.

„Поради тоа е важно луѓето да ги добијат двете дози“.


Во текот на студијата биле забележани 232.268 потврдени инфекции со Ковид-19, а во речиси 95 отсто од тестираните примери е утврдена британската варијанта „B117“. Забележани се 4481 тешки инфекции и 1113 смртни случаи.

Научниот тим рекол дека не можел да го проучи влијанието на јужноафриканскиот сој, кој исто така беше идентификуван во Израел.

Излез од пандемијата?

До четврток, најголемата студија за општа популација на Фајзер/Бионтек, исто така спроведена во Израел, беше речиси 5 пати помала, во која учествуваа 1,2 милиони луѓе.

Коментирајќи го истражувањето, Ејал Лешам од медицинскиот центар „Chaim Sheba“ и Анели Вајлдер-Смит од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина напишале дека резултатите од студијата „сугерираат дека високата стапка на покриеност со вакцини може да понуди излез од пандемијата“.

„За жал, брзата покриеност на ниво на население не може лесно да се повтори во многу други земји“, вели парот кој не учествувал во студијата.

„Глобалната примена на вакцини (Фајзер/Бионтек) е ограничена поради проблеми со снабдувањето, високите трошоци и барањата за складирање на екстремно ниски температури“.