Лара Иванова за Точка: „За вториот дел од спотот го чекавме залезот на сонцето, за да ги доловиме кадрите кои нѝ беа потребни“

Точка

28/03/2021

16:10

27.386

Големина на фонт

а а а

Пејачката Лара Иванова неодамна го објави својот нов музички проект насловен како „Кој е сега крив“.

Музичката нумера веќе 'на големо' се врти на радио станиците, а на Јутјуб за кратко време брои повеќе од 100.000 прегледи - за што мора да признаеме дека е голем успех за македонски, нов артист.

Ѝ поставивме неколку прашања на Лара за најновото музичко остварување кое ги освои срцата на почитувачите на модерниот поп-звук, а она што нам нѝ преостанува е топло да ви препорачаме Лара да ја вметнете во вашите плеј листи и да дозволите нејзиниот глас да ви го направи денот поинаков.

Лара, колку време ја подготвувавте песната, кој стои зад неа?

- Песната не ја подготвувавме долго. Имавме инспирација и позитивна енергија, која ја добивме од одличните коментари за претходната песна. Музиката и аранжманот се на Иле Спасев, а текстот на Робин Зимбаков.


Какво ти беше првото чувство кога ја слушна, во што најмногу се пронајде?

- Песната се градеше спонтано, тројцата работевме на неа, а како и секоја моја песна се трудам да ја интерпретирам како да сум ја доживеала.

Какви се реакциите, кој коментар најмногу пријатно те изненади?

- Реакциите се одлични, а најмногу ми се допаѓаат коментарите дека воведовме нов стил на музика на македонската поп-сцена.


Што велат 'хејтерите', има ли такви?

- Искрено, не знам, затоа што хејт коментари сѐ уште не стигнале до мене.

Кому ја посветуваш оваа песна?

- Не е посветена никому, но верувам дека многумина ќе се пронајдат во неа.


Откриј нѝ некоја интересна случка за време на снимањето на спотот.

- Немаше некоја посебно интересна случка, но еве би издвоила дека вториот ден од снимањето требаше да чекаме неколку часа до залезот на сонцето, за да ги доловиме кадрите кои нѝ беа потребни.

Што следно да очекуваме од тебе? Дали повторно некој ваков модерен звук или уште една балада?

- И следната песна ќе биде во истиот стил и ќе биде во скоро време.

Ц.Н. 



Спонзорирани линкови

Маркетинг