Интервју со Росана Петревска: „За мене секоја жена е убава, но покрај надворешниот изглед дамите треба да ја негуваат и внатрешната убавина“

Точка

29/09/2020

11:11

24.490

Големина на фонт

а а а

Росана Петревска во македонската јавност е препознатлива по многу работи - од успех до стил. Таа е успешна жена, портпарол на АМСМ, но исто така соработува и со реномираното дизајнерско име Росица Мршиќ.

Во продолжение прочитајте го интервјуто со Росана Петровска: 

Во јавноста сте препознатлива како портпарол на АМСМ,но и како успешна жена и жена со стил којa го почитува дрес-кодот на работното место. Зошто се одлучивте за соработка со реномираното дизајнерско име како Росица Мршиќ? Како освежување на имиџот или...?


Ако му веруваме на Алисон Лури, автор на “Јазикот на облеката” кој вели: „Уште пред дa ти пријдам, те знам. Ми зборуваш со својата гардероба-што работиш, од каде доаѓаш, каков си како личност, кои се твоите ставови, кој е твојот вкус, кои се твоите сексуални желби, во какво расположение си. Уште пред да се запознаеме, ние веќе сме зборувале на универзалниот јазик на облеката”, проценив дека сакам да наметнам еден нов стил на деловен изглед и ценев дека тоа што ме отсликува како карактер е токму преку креациите на Росица Мршиќ.

Ги сакам македонските дизајнери и ѝ се воодушевувам на Росица, а таа знае што одговара на мојот сензибилитет и начинот на кој професионално функционирам, така што умее преку облеката да го извади најдоброто од мене.

Многу одамна моето прво парче дизајнирана облека од мк креатор беше токму фустан за една свечена пригода и од тогаш ја следам Росица и се воодушевувам на нејзините креации, така што и соработката токму со неа не беше случајна.


Каков ќе биде сега вашиот моден изглед со потпис на Мршиќ? На што ќе дадете примат - на естетиката или на удобноста? 


Парчињата кои се со потпис на Мршиќ се уникатни и се прилагодуваат на секоја пригода и тоа многу ми помага кога и каде да треба да се појавам да бидам сигурна дека ќе изгледам беспрекорно.

Сакам да сум своја и естетиката во комбинација со удобност може да предизвика внимание , а воедно и да се разликуваш во фелата.

Во односите со јавноста покрај професионалноста големо внимание се става на стајлингот на лицето кое во јавноста има задача да ја информира јавноста. Според вас, до која формула гласноговорникот мора да се држи?


Гледам и следам сè што се случува во фелата, но не само кај моите колеги, туку генерално во медиумите, јавните личности и сè што е поврзано со јавност.

За мене е многу важно гласноговорникот да даде јасна, концизна, кратка порака до јавноста и да не нè дефокусира од клучната поента или порака, но не е дозволиво истиот да не е соодветно стокмен, без разлика на кој пол припаѓа, бидејќи кога се има јавна професија, самата налага постојано да се грижиш за својот изглед.

Мојата работа како портпарол на АМСМ ми наметнува подготовка од оперативно, административно работење до јавно презентирање и сакам да сум дел од целиот процес и многу полесно ми е да се претставам во јавноста кога знам и имам лично искуство за нештата, но верувајте многу време посветувам и на тоа како ќе се претставам, затоа што при комуникација со јавноста не се праќа само вербална туку се праќа и невербална порака.

Во моето 15-годишно искуство во односите со јавност, а со голема обрвска да се одржам како најдобра ПР од МК ( Загреб, 2015 г.) ценам дека преку мојата професионалност ги учам младите дека во оваа професија ништо не е случајно.


Кој е вашиот стил дома и на гала-настан?


Дома сум секогаш во удобна облека, но кога го шетам кучето и за гала-настан нештата се поинакви.

Откако ќе ја донесам одлуката дека треба да се појавам, се консултирам со мојот тим врвни професионалци (Росица, Адо кој е задолжен за мојата коса и шминка) и никогаш не импровизирам. Сакам да изгледам убаво, префинето и со стил. Сакам парчиња облека кои ќе ја истакнат мојата личност, ќе дадат белег на мојот карактер.

Внатрешната енергија секогаш сакам да е присутна и да се гледа однадвор.

Имате ли моден идол од Македонија или од светот? Кои се според вас најдобро облечени жени тука и во светот?


Според мене од Македонија го почитувам изгледот на првата дама Елизабета Пендаровска, а најдобро облечени жени според мене во светот се: Мишел Обама, Ана Винтур, кралицата Летиција од Шпанија и секако Раниа од Јордан и Шарлин од Монако.

Што ви е најважно за изгледот?


Најважна ми е женственоста, но исто така најважно ми е средена и чиста коса, нокти, карминче и негувана кожа-лице!

Ценам дека покрај надворешниот изглед секоја дама/жена треба да ја негува и своја внатрешна убавина.

Дали есента се чувствува во вашиот гардеробер?


Имам два гардеробери, едниот ми е за пролет-лето, а другиот за есен-зима сега ми е период за комбинација од двата.


Кои се златните правила за гардероберот на една дама?


Жените во деловниот свет да носат женствени костуми и дискретен накит.

Да се познава себеси и изгледот да го прилагодуваат према себе и пригодата.

Дали вашата ќерка ја интересира модата?


Крушата под круша паѓа.

Ме изненади многу кога ми кажа дека читала на Википедија за Коко Шанел.

Среќна сум што е едноставна, ненаметлива, но знае што точно сака и од многу мала има свој стил.


Како една од најатрактивните јавни личности кај нас, што е за вас убава жена?


За мене сите жени се убави!

Секоја жена има своја убавина!

Сакам да потенцирам: Негувајте ја и внатрешната и надворешната убавина. Работете на себе!



Спонзорирани линкови

Маркетинг