Драгана Нешовска: Модната индустрија беше една од најпогодените, потрошувачите нѝ побараа поинакво шопинг искуство

Точка

29/07/2020

12:04

3.101

Големина на фонт

а а а

Во изминатиот период забележавме големи промени во начинот на работа кај многу од локалните бизниси. Како едни од најпогодените од пандемијата, бизнисите од модната индустрија исто така мораа брзо да се адаптираат на новите услови. Тешките одлуки беа неизбежни, и дигиталната трансформација задолжителен чекор кон опстанокот.

Денес ќе разговараме со Драгана Нешовска, маркетинг менаџер на македонската модна групација Магнетик, за тоа како тие се справија со непредвидената ситуација предизвикана од Ковид-19, предизвиците со кои се соочија со изработката на онлајн продавница, и што може да очекуваме во претстојниот период од модната малопродажба во Македонија.  

Работиш како маркетинг менаџер на еден од водечките локални бизниси во малопродажната индустрија за текстил. Кажи ни повеќе за Магнетик како бренд и за твојата позиција во него. 

Драгана: Магнетик е водечка компанија за малопродажба на текстил во Македонија. Постоиме веќе 28 години и денес, нашите брендови се достапни во повеќе од 20 продажни салони во Ramstore Mall, City Mall, Capitol Mall, ГТЦ и во центарот на градот. Јас сум активно на позицијата маркетинг менаџер веќе 7 години, но Магнетик е дел од мојот живот од кога сум родена. Може да се каже дека низ годините, заедно растевме. Денес застапуваме 18 модни брендови: голем дел од брендовите од портфолиото на Max Marа, односно Weekend Max Mara, Marella, Max Mara Studio, Max Mara Leisure, Sportmax Code и Pennyblack, а и други италијански брендови меѓу кои, Liu Jo, Pinko, Paul&Shark, Patrizia Pepe, Coccinelle, Motivi, Oltre, Fiorella Rubino, Carpisa и Yamamay, канадскиот бренд Joseph Ribkoff, и германскиот бренд Gerry Weber.  

Пандемијата силно ги погоди бизнисите од модната индустрија, особено во делот на малопродажбата. Кои беа најголемите предизвици со кои се соочивте, и како се справивте со нив? 

Драгана: Малопродажбата на текстил беше една од најпогодените индустрии од пандемијата, не само во Македонија, туку во целиот свет. Одеднаш се затворија сите трговски центри и продавници, и целата ситуација дојде како голем шок за сите. Единственото нешто што го знаевме е дека периодот кој следува ќе биде многу непредвидлив и тежок. Гледавме како други компании ги отпуштаат своите вработени за да можат да опстанат. Како семеен бизнис, ги сметаме и нашите вработени како дел од семејството и знаевме дека пред сѐ, сакаме да го задржиме целиот тим. За да го направиме тоа моравме да реагираме многу брзо, и да најдеме некакво, дури и привремено решение за да продолжиме да функционираме како бизнис.  


Првото нешто што го направивме за само 24 часа по затворањето на продавниците, беше тоа што им овозможивме на нашите купувачи начин за онлајн купување преку Facebook страницата на Магнетик. Продажбата одеше на еден импровизиран начин. Тоа не е класична онлајн продавница, но сепак многу ни помогна во ситуацијата, затоа што сепак успеавме да ги задоволиме потребите на нашите потрошувачи, и воедно да покриеме дел од трошоците и да продолжиме со работа. Побарувачката не замре, затоа што луѓето сепак сакаа да изгледаат и да се чувствуваат добро. Тоа што се промени беа начинот на купување и интересите. Многу од нашите купувачи купуваа и преку Viber, WhatApp, каде можевме да им ги презентираме моделите и да правиме комбинации само за нив, познавајќи го нивниот стил и потреби. Забележивме и зголемување на интерес во побарувачката на лежерната облека од Max Mara Leisure. 

Затоа што потрошувачите побараа од нас едно поинакво шопинг искуство, уште веднаш почнавме да разговараме и за развивање на официјална онлајн продавница. Самото градење на интегриран систем за многу краток рок е практично многу макотрпна и долга работа. Најголемиот предизвик за нас беше тоа што повеќето од брендовите кои ги застапуваме имаат строги критериуми и регулативи. Франшизните брендови кои ги застапуваме не дозволуваат никаков вид на онлајн продажба. Но, наоѓајќи се сите во една непредвидлива ситуација, како долгогодишни партнери, сепак добивме дозвола од повеќето од брендовите, и сега нашите клиенти можат да купуваат од своите омилени брендови и на www.magnetik.mk

Дали по сите напори успеавте да ги задржите сите вработени? 

Драгана: Да, успеавме да ја пребродиме ситуацијата со полн тим, и кога повторно отворија продавниците бевме подготвени веднаш да почнеме со работа како и порано.

Спомнавте дека отворањето на онлајн продажен канал бил задолжителен чекор. Кои се вашите цели за во иднина на онлајн продавницата? Дали главниот фокус ќе ви биде на онлајн продажбата? 

Драгана: Со онлајн продавницата пред се сакаме да допреме до нови купувачи не само од Скопје туку и од цела Македонија. Исто така, сакаме да им го олесниме целото шопинг искуство на нашите клиенти. Во овој момент тоа е круцијално затоа што многу луѓе сакаат да купуваат облека, но не се комфорни со тоа да седат долго време во самите продажни салони. Преку правење на комбинација на онлајн и офлајн искуство, ќе им овозможиме на да направат селекција онлајн, па доколку сакаат можат да поминат и да ги видат и купат парчињата и во живо. 


Овој вид на суплементирање е особено важен во модната индустрија затоа што и на глобално ниво, процентот на офлајн продажба надвор од вонредната ситуација беше околу 90%. Ништо не може да го замени офлајн шопинг искуството, и затоа модните брендови инвестираат многу во тоа како изгледаат продавниците и како купувачите се чувствуваат додека разгледуваат и купуваат. Затоа сметам дека и во иднина офлајн продажбата ќе остане примарна, но нудењето на повеќе опции е секогаш плус. 

Што можеме да очекуваме следниот период од Магнетик? 

Драгана: Дефинитивно пред се, ќе се фокусираме на развивање на онлајн продажбата, затоа што оваа ситуација изгледа ќе потрае многу подолго отколку што очекувавме и се надевавме. Навиките на луѓето веќе се сменети, и има голем раст во онлајн купувањето. Кога отворивме, најпопуларни беа деловните модели, а сега има голем интерес за летните лежерни модели за плажа и одмор, особено на онлајн продавницата. Виртуелно ја претставивме и новата колекција за есен-зима која од овој месец веќе ја има во продажните салони на Магнетик модната групација.  

Тоа што потрошувачите можат да го очекуваат од Магнетик е постојано надоградување на нашата онлајн продавница со цел да биде најдобрата онлајн продавница во Македонија. Во исто време, не престануваме со понатамошно градење на компанијата, и растење на нашиот тим. Мислам дека оваа ситуација ни покажа дека можеме да се соочиме и справиме со сѐ, и дека од секоја ситуација може да произлезе нешто добро. Во нашиот случај, тоа беше градењето на онлајн продавницата www.magnetik.mk која после долгогодишни преговори ја направивме за само 2 месеци, и е нешто на кое навистина сме горди! 



Спонзорирани линкови

Маркетинг