Фудбалски егзодус на „Месталја“: Валенсија ги стави сите свои ѕвезди на трансфер листата!

Дерби

15/07/2020

15:04

2.408

Големина на фонт

а а а

Валенсија се очекува во текот на денешниот ден да го објави името на новиот тренер кој ќе го води тимот наредната сезона, но прогнозите за „лилјаците“ не се воопшто оптимистички во блиска иднина, бидејќи клубот предводен од сингапурскиот газда подготвува неверојатен фудбалски егзодус ова лето.

Тимот од „Месталја“ има сезона за заборав и на две кола пред крајот практично е без шанси за излез во Европа, па откако газдата Питер Лим во изминативе 10 месеци им врачи отказ на тренерите Марселино и Селадес, до крајот на денот се очекува да го објави името на човекот кој ќе го преземе новиот проект кој ќе биде далеку „поевтин“.

Последниот збор е она што најмалку сакаа да го слушнат фановите на Валенсија, бидејќи првичниот план е да се направи целосен ремонт во тимот, но притоа да не се расфрлаат многу пари како во претходните сезони. 

По најавите од Валенсија за вакво сценарио, угледната „Марка“ ова утро излезе со своја ексклузива за ситуацијата во клубот, а оттаму добиле информација дека „лилјаците“ ќе се ослободат од најголем дел од своите ѕвезди со цел да се ослободат од сите највисоки плати. 

Прв на трансфер листата е ставен капитенот Даниел Парехо, по него следат голманот Јаспер Силесен, Жофри Кондогбија и Франсис Коклан, а листата на ѕвезди се затвора со Кевин Гамеиро, Родриго Морено и талентираниот Феран Торес кој не сака да го продолжи договорот. На „црната листа“ се уште и играчи кои немаа голема минутажа оваа сезона, а тоа се Рубен Собрино, Муктар Диакаби, Елајким Мангала и Тиери Кореија. 

„Марка“ тврди дека клубот ќе се обиде да ги продаде сите овие играчи веднаш по крајот на сезоната, а на нивно место ќе дојдат нови играчи за целосна реконструкација на ростерот. Сепак, угледниот весник нагласува дека има добиено и директна порака од агентите на играчите, а истата не е преоптимистичка за верните фанови на клубот од „Месталја“. 

– Сакаат да продадат многу играчи од првиот тим и да направат тим кој е далеку поевтин, – гласи пораката од неколку агенти со кои исконтактирала „Марка“. 

Ова значи дека од позвучните имиња ќе останат Макси Гомез, Гонсало Гуедеш, Карлос Солер, Габриел Паулиста и Хосе Гаја, со тоа што овој последниот треба да биде и новиот капитен на Валенсија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг