Здружението за лица со мултипла склероза: Им доставивме прашања на сите партии, одговори добивме само од една

Макфакс

11/07/2020

13:51

393

Големина на фонт

а а а

Во пресрет на вонредните парламентарни избори Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза се обратило до политичките партии со цел да ги дознае нивните ставови и програмски активности кои би ги превзеле, како потенцијални креатори на политиките, а кои се однесуваат на унапредување на квалитетот на живот на лицата со мултипла склероза.

Од Здружението велат дека прашањата ги упатиле до 12 политички партии, а одговор добиле само од една.

Тие ги испратиле следниве прашања до: СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Граѓанска демократска унија, Движење Беса, Демократски сојуз, ДОМ, Левица, Интегра, ЛДП, НСДП, ДПА и ДУИ.

1. Дали сметате дека идната Влада и Собрание треба да ги земе предвид потребите и предлозите кои потекнуваат од пациентските здруженија при носењето на суштествени одлуки и прописи, посебно на тие кои се однесуваат токму на лицата со мултипла склероза и попреченост?

2. Дали сметате дека здравствената грижа за лицата со мултипла склероза вклучувајќи ги и лицата со попреченост е на задоволително ниво кај нас?

3. Дали сметате дека социјалната грижа за лицата со мултипла склероза вклучително и лицата со попреченост е на задоволително ниво?

4. Кои конкретни мерки и активности ќе ги превземете со цел унапредување на здравствената и социјалната грижа за лицата со мултипла склероза?

5. Дали доколку вашата партија ја добие довербата од граѓаните имате во план да предвидите правна рамка (решенија) со цел стимулирање и вклучување на оваа категорија на лица во работниот процес?

6. Како планирате да го подобрите квалитетот на живот на пациентите со мултипла склероза?

7. Дали и како планирате да обезбедите систематско финансирање на невладините организации кои се грижат за лицата со мултипла склероза?

8. Дали и како планирате да ја ре-организирате дијагностиката, третманот и контролите на пациентите со мултипла склероза во пост-КОВИД периодот?

Сепак, како што наведуваат од Здружението, и покрај официјалното обраќање, испратениот потсетник и дадениот доволен временски рок, од 12 политички партии само една партија (8,3%), Зелената партија ДОМ, им испратила одговор.

„Зелената партија ДОМ ја препознава потребата од заштита и унапредување на правата и потребите на пациентите со мултипла склероза и високо ги цени активностите кои ги превзема Националното здружение за помош и поддршка на лицата со мултипла склероза. Уверени сме дека во следниот период, во заедничка соработка, земајќи ги предвид потребите и предлозите на Националното здружение за помош и поддршка на лицата со МС, ќе успееме да придонесеме за унапредување на здравствената и социјалната грижа на лицата со мултипла склероза“, одговорила Маја Морачанин од Зелената партија ДОМ.

Од Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза велат дека ќе продолжат да работат континуирано и посветено чекор по чекор во исполнување на нивната мисија и визија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг