Филипче: Мерките не се почитуваат, можни се рестриктивни мерки во некои општини

Макфакс

29/05/2020

14:19

2.428

Големина на фонт

а а а

Новозаболените од коронавирусот се резултат на непочитувањето на мерките, вели министерот за здравство, Венко Филипче, кој кажа дека има информации за лица кои наместо во самоизолација, тие излегуваат надвор и се шетаат.

Според министерот, најголема концентрација на заболени има во Чаир, Сарај, Гази Баба, Бутел и Аеродром и најави дека е можно повторно воведување на рестрикции.

„Ние ја следиме состојбата. Сакам да порачам дека повторно ќе воведеме рестрикции, таргетирани и локализирани на некои места, согласно бројот на новодијагностицирани, ако епидемиолошката состојба тоа го наложи. Тоа се дискутираше на состанокот на Комисијата за заразни болести. Ќе ги анализираме бројките од следните денови од текот на викендот и врз основа на тоа ќе ги носиме одлуките. Поради познатите кластери нема потреба од нови рестрикции, но ако треба, повторно ќе воведеме. Се укина полицискиот час со јасна порака да се почитуваат превентивните мерки, тоа го прават сите земји и е единствениот начин да се справиме со вирусот“, рече Филипче.

Тој кажа дека анализата покажува дека ако се почитуваат мерките за самоизолација и за заштита нема да има потреба од полициски час во некои региони, но кажа дека будно ја пратат ситуацијата.

Тој побара од МВР поголема ажурност и казни за граѓаните кои наместо во самоизолација, шетаат надвор.

„Има информации за граѓани кои и со решенија за самоизолација се шетаат надвор. Затоа барам поголема ажурност од страна на МВР, поголема контрола и санкции на тие кои овие мерки не ги почитуваат. Уште еден проблем на колегите епидемиолози е одбивањето на соработка од страна на пациентите, потешкотии во спроведувањето на епидемиолошките анкети, одбивањето да даваат точни податоци, даваат лажни адреси, тешко можат да се достават решенијата за самоизолација. Имаме концентрација поголема во четири скопски општини и тоа Чаир, Сарај, Гази Баба, Бутел и Аеродром. И огромен процент на новозаболените се како резултат на непочитување на мерките за самоизолација и лична заштита. Новодијагностицираните пациенти се заразени во период кога имаше строги рестриктивни мерки во однос на движењето и беа во важење истите мерки како и сега“, рече Филипче.

И во Тетово и околината не се почитуваат мерките

Во Тетово не се почитуваат решенијата за самоизолација како и мерките за држење дистанца, забраната за групирање, носењето на маски, рече министерот за здравство, Венко Филипче. Тој кажа дека во Штип е затворен и цел погон од страна на Државниот здравствен и санитарен инспекторат поради заразен со коронавирус кој работел таму. Филипче посочи дека мерките мора да се почитуваат за да се врати во нормала целото функционирање.

„Се направи надзор во Тетово, од локалниот Центар за јавно здравје и во Штип кај што се анализираат сите случаи. Од увидот во Тетово е констатирано дека не се почитува самоизолацијата, дека има непочитување на сите изречени мерки, носењето на маските и дистанцата, како во Тетово, така и во околните места каде има ново дијагностицирани случаи. Од увидот во Штип непочитување на правилото за транспорт, посебно на вработените во конфекциите, каде има новодијагностицирани пациенти. Еден погон е затворен по налог на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, меѓутоа, во транспортот во автобусите се возат вработени во сите конфекции, не се почитува правилото за процент на пополнетост на автобусот, ниту пак носењето на маски. Во таа една конфекција има 17 заболени и 70 контакти во изолација“, рече Филипче.

Во шест градови низ земјава има по пет активни случаи, а во 15 градови нема регистрирано заболени од коронавирусот.

„Процентот на заразени од тестирани во изминатите 14 дена, онака како што се прави статистиката изнесува 5,5 проценти а е калкулираат и тестовите од скринингот. Капацитетот во болниците е пополнет 11% и со тоа здравствениот систем е во добра кондиција. Бројни оздравени здравствени работници, висок над 92%, понатаму инциденцата во последните 14 дена е 10,3% односно трипати помала во однос на пикот во април месец, но продолжуваме постојано да пратиме. Има 15 градови во кои биле регистрирани случаи, а сега повеќе нема. Во Дебар, Кавадарци, Гевгелија, Кавадарци, Крива Паланка, Крушево, Кочани, Пробиштип, Демир Хисар, Македонски Брод, Пехчево, Берово, Валандово, Делчево и Кратово. И во шест градови до пет активни случаи, во Струмица, Кичево, Свети Николе, Гостивар и Неготино“, рече Филипче.

Да знаевме дека нема да се почитуваат мерките, немаше да дадеме препорака за отворање на кафеаните

По објавата на фотографиите од скопски кафеани каде наместо почитување на препораките, се правеле забави без одржување дистанца, без маски и со групирање, министерот за здравство, Венко Филипче, побара Министерството за внатрешни работи да биде поинтензивно на терен и да ги санкционира прекршувањата.

Филипче рече дека ако Комисијата за заразни болести, знаела дека нема да се почитуваат препораките за заштита од коронавирусот, тие немало да дадат препорака за отворање на угостителските објекти.

„Не е ова само на личната одговорност на граѓаните иако е еден сериозен дел од оваа работа. Здравствениот систем во однос на менаџментот на пациентите, граѓаните во однос на почитување на мерките и секако, Министерството за внатрешни работи во однос на спроведување на контролата и санкциите. Овој систем нема да успее ако било кој од овие три најважни делови потфрли во работата. Еве сега, слободни се капацитетите на Министерството за внатрешни работи, нема веќе полициски час, јас искрено верувам многу поинтензивно ќе биде на терен. Мислам дека такви слики како вчера не треба да гледаме, ниту да сме сведоци на такви сценарија во тукушто отворените угостителски објекти. Тоа не беше суштината. Да знаевме дека ќе биде така, немаше да дадеме препорака да се отворат. А ние мораме да го вратиме животот во нормала, мора секој да даде максимално се од себе, како што дадоа здравствените работници“, рече Филипче.



Спонзорирани линкови

Маркетинг