Логорот на смртта во кој биле убиени над милион Евреи: 75 години од ослободувањето на Аушвиц

Точка

23/01/2020

10:55

1.995

Големина на фонт

а а а

Церемонијата на одбележување 75 години од ослободувањето на Аушвиц денес ќе биде одржана во Меморијалниот центар на Холокаустот - Јад Вашем во Ерусалим, а на церемонијата ќе присуствуваат бројни светски државници.

Покрај претседателот на Израел, Рувен Ривлин, на церемонијата по повод 75 години од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц ќе присуствуваат и челниците на Германија, Франција и Русија, Франк Валтер Штајнмајер, Емануел Макрон и Владимир Путин, а ќе присуствуваат и британскиот принц Чарлс, американскиот потпретседател Мајк Пенс и бројни други истакнати личности од целиот свет.

Од самото основање во 1953-та година, Јад Вашем сведочи за едно од најмрачните поглавја во историјата на човештвото. Во меморијалниот центар во Ерусалим е документирана историјата на страдањето на еврејскиот народ преку архиви со историски факти и сведоштва на преживеаните.


Основната цел на Јад Вашем кој е и светски центар за документација, истражување, образование и комеморација на страдањата на две третини од вкупниот број на Евреи во Холокаустот, е чување на сеќавањата на жртвите и борба против антисемитизмот.

Низ различни прикази на страдањето, комплексот говори за холокаустот од уникатна еврејска перспектива, нагласувајќи ги сведоштвата на преживеаните. Сведоштвата се прикажани во вид на видео записи, но и пишан материјал.

Посетителите на центарот можат да се запознаат со антисемитизмот, разисмот, подемот на Нацизмот, животот на Евреите во нацистичка Германија и Европа, изолацијата, гетоизацијата, нацистичките кампови, отпорот на Евреите, односот на светот кон Холокаустот, како и со оние кои го преживеале хоророт и нивниот нов почеток.


Во комплексот меѓу другото можат да се видат и вагоните во кои Евреите биле депортирани во логорите.

Инаку, во нацистичкиот логор Аушвиц во периодот од 1940-та до 1945-та година биле убиени милион до милион и пол луѓе, од кои повеќе од милион биле Евреи. Покрај Евреите, во Аушвиц биле убивани и бројни Полјаци и Руси.