Вклучувањето на Бугарите во Уставот е само првиот чекор и ќе овозможи почеток на преговорите, му рекол бугарскиот министер на Муцунски

Макфакс

15/02/2025

20:30

1.611

Големина на фонт

а а а

Не е можно повторно преговарање или заобиколување на постигнатите договори зад кои стои цела ЕУ. Ваква порака испратил бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев, до неговиот колега Тимчо Муцунски, на состанокот на маргините на Минхенската безбедносна конференција.

Во дописот на бугарското МНР за средбата, се наведува дека се разговарало за билатералните односи помеѓу двете земји.


„Министерот Георгиев истакна дека добрососедските односи се критериум во процесот на евроинтеграциите. Тој нагласи дека за градење добрососедство потребна е доверба, отворен дијалог, предвидливост и исполнување на обврските“, соопшти бугарското МНР.


Георгиев, како што се додава во соопштението на бугарската институција, бил дециден дека ставот на Бугарија во однос на европската интеграција на Република Северна Македонија е јасен и конзистентен.

Тамошното МНР потсетува дека европскиот компромис од 2022 година вклучува комплекс на мерки и нивното целосно спроведување е единствениот пат напред. На средбата било истакнато дека вклучувањето на Бугарите, на рамноправна основа со другите народи, во Уставот на Република Северна Македонија е само првиот чекор, чиешто спроведување ќе му овозможи на Скопје да ги почне преговорите за членство.


Претходно за средбата со соопштение излезе и македонското МНР. Од тука информираа дека на состанокот меѓу двајцата министри станало збор за билатералните разлики, блокадата на европскиот пат на државата од страна на Бугарија, и правата на македонското малцинство во Бугарија.


Министерот Муцунски, како што велат од МНР, изразил жалење што, наместо развој на добрососедската политика, односите меѓу двете земји остануваат оптоварени со билатерални спорови, опишувајќи ги како непринципиелна пречка на македонскиот евроинтегративен процес.