На денешен ден се појави првиот Калашников: Приказната за култната руска пушка која го промени светот

Точка

13/11/2019

19:10

5.016

Големина на фонт

а а а

На денешен ден 1947-ма година и официјално беше завршен развојот на најпознатата автоматска пушка на светот - Автомат Калашников 1947, или скратено АК-47.

Името го доби по својот творец, рускиот констуктор на оружје Михаил Калашников, а ознаката „47“ се однесува на годината кога оваа пушка била стандардизирана. Станува збор за една од првите јуришни пушки, а АК-47 денес е најраспространета на светот. Според некои неофицијални податоци, денес ширум светот има над 200 милиони пушки, односно по еден „Калаш“ на 35 лица.

Малку е познато дека Михаил ја конструирал својата пушка врз основа на конструкцијата на германската пушка StG-44 на познатиот Хуго Шмајзер, а исто така и работата на автоматскиот механизам има сличности со американската пушка М1 Garand. Тоа била првата верзија АК-46 која била отфрлена, а после низа на поправки и подобрувања се појавува легендарниот АК-47.

Зошто е толку популарен?

Од неколкуте причини, најмногу се издвојува неговата издржливост. Потоа, пушката е прилично едноставна и евтина, а исто така е едноставна за употреба. Михаил Калашников изработил пушка која ќе може евтино да се произведува и да нема потреба да се поправа, туку наместо тоа, да се зема друга таква пушка.

Што се однесува до прецизноста, АК-47 се смета за „доволно добар“ на околу 300 метри да погоди торзо, но на поголеми далечини не е толку прецизен. Поради пристапната цена е популарен кај армиите, но исто така и кај герилците, милитантите и криминалците.

За многумина Калашниковот е култно оружје, а неговата популарност е толку голема, што оваа пушка се наоѓа на државното знаме и грб на една држава - Мозамбик. Покрај тоа, АК-47 може да се најде на грбот на Источен Тимор, но и на знамето на либански Хезболах и бројни други герилски, милитантни, паравоени и терористички групи.


Колку чини денес еден Калашников?

Колку чини еден АК-47? Зависи каде. Оружјето е подредено на законите на потрошувачка и побарувачка, односно во зоните на конфликт неговата цена е значително повисока.

Во извештајот на Global Financial Integrity, во Авганистан денес ваква пушка може да се набави за 600 долари. Во Мексико во близина на границата со САД се продава за околу 1,200 по парче, а по иста цена може да се набави и во Пакистан. Во извештајот е наведено дека АК-47 може да се набави и на „даркнет“ по цена од 2,800 до 3,600 долари.

Повеќе од 20 земји и денес произведуваат Калашников, а најголем производител е Кина. Русија повеќе не произведува таков тип на Калашников, но затоа има огромни резерви. Годишно се произведуваат околу еден милион парчиња АК-47, што значи дека оваа култна пушка ќе биде присутна на боиштата и во следните неколку децении.


Масовен убиец

До денес АК-47 може да се види во рацете на разни ноторни актери. Постои снимка на Осама Бин Ладен како пука со оваа пушка, а поранешниот ирачки претседател Садам Хусеин беше заробен со два Калашникови покрај себе.

Според некои проценки, на годишно ниво се убиваат над 250 илјади луѓе токму со оваа руска пушка. Иако станува збор за технологија стара со децении, околу 50 државни армии и ден денес користат АК-47 или верзија од локално производство базирана на оригиналниот концепт.

АК-47 денес исто така често се користи во терористичките напади. На пример, во големите терористички напади во Париз, на Шарли Ебдо и театарот Батаклан, терористите употребија Калашникови купени во Белгија, а пушките таму пристигнале од Балканот.


Нема сомнеж дека АК-47 го промени светот. На полошо или подобро? Беше користен за правда и неправда. За ослободување и покорување. За одбрана и воени злосторства. Во сите случаеви, оваа пушка е користена за една работа - убивање.

Во светот за жал и денес се убива во име на многу работи, за поробување и слобода. Што донесе Калашников? Тоа не е само на оваа пушка - АК-47 е само индиферентна пушка како и сите други, а за доброто и злото одлучуваат само тие кои што го имаат во своите раце и се подготвени да отворат оган.



Спонзорирани линкови

Маркетинг