Огромен интерес за новото филмско дело на Алмодовар: Синедејс ја распродаде гала премиерата на “Болка и слава”

Точка

11/11/2019

14:10

713

Големина на фонт

а а а

Денеска на репертоарот на Синедејс се закажани гала премиерите на филмовите “Дева” на Петра Чокс, музичкиот документарец “Кеиф” на Блаже Дулев, но и филмот “Болка и слава” на легендарниот Педро Алмодовар кој привлече огромна заинтересираност.

Имено, Синедејс се пофали дека 21-виот филм на оскаровецот е целосно распродаден, а истиот ќе се прикаже вечерва во киното Милениум од 20 часот. 

“Салвадор Маљо, филмски режисер на постари години, доживува низа повторни средби. Некои од нив се во живо, други пак се спомени. Неговото детство во шеесеттите години на минатиот век, кога се доселил со родителите во едно село во Валенсија во потрага по подобар живот; првата симпатија; првата љубов во Мадрид во осумдесеттите години и болката на раскинувањето на врската додека неговата љубов сѐ уште била жива и силна; пишувањето како единствената терапија да се заборави тоа што не се заборава; неговите почетоци со филмот; и бескрајната празнина што ја открива неможноста да продолжи да снима филмови. Преку потсетувањето на минатото, Салвадор ја наоѓа силната потреба да го раскаже и во таа потреба го пронаоѓа и сопствениот спас”, вака е опишан “Болка и слава” кој во саботата доби номинација за најдобар филм на Европските филмски награди и е шпански кандидат за Оскар за најдобар странски филм.

Втора шанса да се погледне филмот е утре, од 17:30 часот во кино Милениум.

Претходно во Милениум, од 17:30 часот е и гала премиерата на “Дева” на режисерката Чокс. Во кино Милениум од 22 часот ќе биде прикажан филмот “За бесконечноста” на Рој Андресон, а најавена е и реприза на “Младиот Ахмед” на режисерите Жан Пиер и Лук Дарден.

Во киното “Фросина” ќе има проекција на филмовите “Полусестра” на Дамјан Козоле, “Неонски срца” на Ана Јакимска и “Душичка” на Мундија Модур, а од 21 часот ќе има проекција на “Кеиф”, документарец посветен на македонската чалгија. Во џебното кино на МКЦ од 19 часот почнува програмата составена од студентски филмови, а во 22 часот ќе се прикажува „Житието по Брајан“.  

Еве ја и целосната листа на денешните проекции (11.11).



Спонзорирани линкови

Маркетинг